Ќосето се враќа во Скопје на нова локација, одлучија советниците

Со 23 гласови „за“, 3 „против“ и 7 „воздржани“ Советот на Град Скопје ја изгласа иницијативата за враќање на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој пред пет години беше отстранет од пред комплексот судови.

Споменикот сега ќе биде поставен на нова локација, на крстосницата помеѓу булеварот „Александар Македонски“ и булеварот „Беласица“, североисточно од кружниот тек.

Од ВМРО-ДПМНЕ чии советници гласаа „за“ и со аплауз ја поздравија донесената одлука, велат дека „овој историски лик заслужува спомен обележје и заемна почит“.

Дел од советниците од СДСМ посочија дека овој споменик бил отстранет пред пет години бидејќи претставувал дивоградба и пред гласањето предупредија дека споменикот може повторно да биде спорен поради тоа што не е предвиден во урбанистичките планови.

Иницијативата за враќање на споменикот на Ќосето уште во август ја достави градоначалничката Данела Арсовска.

„Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана“, наведоа тогаш од Град Скопје.

Споменикот на Ќосето беше поставен пред зградата на Врховниот суд ноќта меѓу 6 и 7 септември 2014 година, како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, но голем дел од јавноста го гледаше како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Споменикот беше отстранет во февруари 2018 година, на почетокот од мандатот на претходната администрација на скопскиот градоначалник Петре Шилегов со образложение дека се работи за дивоградба.