Градоначалничката Арсовска бара да се врати споменикот на Ќосето на нова локација

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска достави иницијатива до Советот на Град Скопје за враќање на споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој беше отстранет од пред комплексот судови пред пет години.

Според иницијативата, спомен обележјето ќе добие нова локација на крстосницата помеѓу булеварот „Александар Македонски“ и булеварот „Беласица“, североисточно од кружниот тек.

„Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана“, стои во соопштението од Град Скопје.

Споменикот беше поставен пред зградата на Врховниот суд ноќта меѓу 6 и 7 септември 2014 година, како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, но голем дел од јавноста го гледаше како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Споменикот беше отстранет во февруари 2018 година, на почетокот од мандатот на претходната администрација на скопскиот градоначалник Петре Шилегов со образложение дека се работи за дивоградба.