„Ќе се видиме во август“ – постхумно ќе се објави роман на Габриел Гарсија Маркес

Издавачката куќа „Penguin Random House“ во петокот потврди дека досега необјавен роман од колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес, насловен „Ќе се видиме во август“, ќе биде достапен на полиците во Јужна Америка веќе во 2024 година, јавува „Гардијан“.

Шпекулации за необјавениот роман кружат уште од 1999 година, откако Маркес објави краток расказ во колимбискиот магазин „Камбио“.

Приказната за Ана Магдалена Бах, средновечна жена која има еротска афера за време на нејзината посета на тропски остров, каде е погребана мајка ѝ, начелно беше шпекулирана како дејство во првото поглавје од романот.

Но, откако Маркес почина во 2014 година, се веруваше дека делото никогаш нема да е објавено.

Синовите на Маркес, Родриго и Гонзало, изјавија дека делото е премногу скапоцено за да биде скриено од светот.

„’Ќе се видиме во август’ го прочитавме повторно по скоро десет години од смртта на Габо и откривме дека текстот ги задоволува стандардите за да биде испечатен,  па нема пречки светот повторно да ужива во пишувањето на Габо – неговата инвентивност, поетски јазик и волшебен наратив, разбирањето на човечката душа“, се вели во соопштението до јавноста.

Во деталите за делото кои беа споделени со јавноста, се вели дека романот содржи пет одделни поглавја кои се фокусирани на животот на Ана Магдалена, но и дека делото е долго 150 страници.

Најпознатиот роман на Габо, – „100 години самотија“, ја раскажува приказната на семејство од фикционалниот град Макондо, а делото се смета за едно од најважните во шпанското говорно подрачје.

Веста за романот наиде и на позитивни и на негативни критики, каде преовладува мислењето дека можеби и не треба постхумно да се објавуваат недовршените дела.

Сепак, колумбискиот писател Хуан Габриел Васкез не се сложува со нив, истакнувајќи дека лично за него, објавувањето на „Се гледаме во август“ е одлична вест.

„Мора да се знае како да се чита – не е комплетно завршено дело, а Габо беше многу внимателен занаетчија. Но, ние сепак можеме да уживаме во незавршени дела од големи уметници. Не постои причина за да се лишиме од тоа задоволство“, изјавил тој.