Кисела Вода: Булингот во училиштата и оваа година може да се пријави телефонски

Општина Кисела Вода информира дека и оваа учебна година е ставен во функција телефонскиот број 078/358-639, каде жртвите на меѓуврсничко насилство може бесплатно да добијат поддршка од тим од психолози од невладиниот сектор, кои потоа, во координација со општинските служби ќе делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава.

Кисела Вода ова го карактеризира како системско решение за справување со булингот, а произлегува од тоа што, велат тие, насилството во основните училишта е сè поприсутно.

„Оваа мерка, која лани беше промовирана за прв пат од Општина Кисела Вода, има за цел да им понуди помош на жртвите од врсничко насилство или на нивните блиски. Истото се спроведува заедно со Младински центар ‘Крик’ чиј претседател, Мила Ангелевска Кардафова, е еден од психолозите кои овозможува бесплатна помош и поддршка“, соопштуваат општинарите.

На овој начин, велат тие, ќе може да се надмине стравот и срамот за проблемот да се пријави, како и да се изнајде начин тој што побезболно да се реши.