Кинотека во петок го одбележува Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Кинотеката на Македонија во петок ќе се приклучи на одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

Во периодот од 11 до 14 часот Кинотеката на Македонија ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, учениците, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани.

Во киносалата на Кинотеката ќе се одржи проекција на филмот „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков од 1923 година, еден од најстарите и најзначајни историски филмски документи од нашата колекција. Воведно предавање за филмот, ликот и делото на Арсениј Јовков ќе одржи д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката.

Годинешново мото под кое светските филмски архиви, музеи и институции поврзани со заштитата на културно наследство организираат изложби, проекции, предавања и слични настани по повод Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е „Откриј, запомни и сподели“.

Истовремено, стручни лица од Кинотеката на Македонија ќе учествуваат на меѓународната конференција за Хрватското филмско наследство, што ќе се одржи на 26 и 27 октомври во Државниот хрватски архив во Загреб. М-р Игор Старделов, виш филмолог, ќе говори на панел-дискусијата со наслов „Предизвиците на дигитализацијата: онлајн-достапност и дигитално зачувување на филмското наследство, идентификација и каталогизација“, а Владимир Ангелов, виш филмолог и в.д. директор на Кинотеката на Македонија, ќе говори на тема „Меѓудржавни и меѓународни соработки за заштита на филмското наследство“. Претставникот, пак, на Управата за културно наследство на РМ, Мими Ѓоргоска-Илиевска, ќе земе учество на панел-дискусијата „Европски искуства и практики во зачувувањето на филмското наследство“.

Овој ден се одбележува како иницијатива на УНЕСКО и на Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations) каде Кинотеката на Македонија учествува.

Во Загреб во моментот во „Визије С.Ф.Т.“ исто така се врши и финалната контрола на дигитализираниот опус на Бранко Гапо, досега најпродуктивниот режисер во поглед на играната продукција во Македонија. Неговите филмови: „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Најдолгиот пат“, „Истрел“, „Македонска сага“ и „Време, води“ до крајот на годинава ќе бидат издадени како дигипак-комплет и ќе ѝ бидат достапни на македонската јавност.