Казни од 5.000 долари за посетителите на највисокото дрво во светот

Хиперион, највисокото живо дрво во светот според Гинисовата книга на рекорди, официјално е забрането за посетители.

Минатата недела од Националниот парк „Редвуд“ во Калифорнија соопштија дека секој кој ќе биде фатен во близина на дрвото се соочува со затвор до шест месеци и парична казна од 5.000 долари.

Дрвото, кое се наоѓа длабоко во Националниот парк и кон кое не водат никакви патеки, се соочува со сериозна деградација од авантуристи кои го посетувале од 2006 година, кога било пронајдено од пар натуралисти.

Крајбрежната црвена секвоја е висока 115,92 метри и името Хиперион го има позајмено од грчката митологија. Станува збор за еден од титаните, татко на богот на Сонцето, Хелиос и божицата на Месечината, Селена.

„Хиперион е лоциран надвор од главната патека на Националниот парк и се наоѓа во густа вегетација. За да се стигне до него потребно е многу движење низ шума. И покрај ова тешко патешествие за да се стигне до него, зголемената популарност поради туристички блогери и авантуристички интернет-страници доведе до девастација на природната средина на дрвото. Како посетител, ќе мора да одлучите – дали сакате да бидете дел од зачувувањето на овој уникатен пејзаж, или да бидете дел во негово уништување“, стои во соопштението на Националниот парк.

Директорот за национални ресурси на паркот, Леонел Аргуељо, за сајтот Сан Франциско Гејт вели дека локацијата каде што се наоѓа дрвото има лимитирана мобилна мрежа и ГПС сигнал, што, пак, доведува до многу проблеми при спасување доколку некој од авантуристите се загуби или се повреди.

Покрај ерозијата и штетата која се прави на самото дрво, постојат и дополнителни проблеми од напливот на луѓе.

„Има ѓубре, а луѓето си прават уште повеќе помошни патеки за да вршат нужда. Тие дури оставаат и искористена тоалетна хартија и измет. Тоа не е во ред“, посочува Аргуељо.

Но, луѓето не се единствениот ризик за овие џиновски дрвја. Шумските пожари кои горат низ калифорниските национални паркови предизвикуваат дополнителна загриженост.