Кард, Ангрист и Имбенс добитници на Нобеловата награда за економија

Дејвид Кард, Џошуа Д. Ангрист и Гвидо В. Имбенс се добитници на Нобеловата награда за економија за 2021 година, објави Шведската кралска академија на науките, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Дејвид Кард е награден за неговиот „емпириски придонес во економијата на трудот“, додека Ангрист и Имбенс го добија признанието за нивните „методолошки придонеси во анализата на каузалните односи“, се наведува во образложението на одлуката.

„Овогодишните лауреати ни дадоа нови сознанија на пазарот на труд и ни покажаа какви заклучоци за причините и последиците можеме да извлечеме од природните експерименти. Нивниот пристап се прошири и на други полиња и донесе револуција во емпириските истражувања“, се додава во објаснувањето.

За разлика од другите Нобелови награди, признанието за економија не беше предвидено во тестаментот на Алфред Нобел, но беше воспоставено од Шведската централна банка во 1968 година, а првиот добитник беше избран една година подоцна. Тоа е и последната награда која се објавува секоја година.

Минатогодишната награда им припадна на двајца економисти од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, Пол Милгром и Роберт Вилсон, за нивниот извонреден придонес во развојот на аукциската теорија.