По повод светскиот ден на канабисот, а во услови на пандемија, Здружението „БИЛКА“ организира онлајн дебата „Каков модел на легализација и е потребен на Македонија?” на нивната ФБ страница на 20 април, со симболичен почеток во 16.20 часот.
Како учесници се најавени Јанаки Митровски од „БИЛКА“, потоа Хајди Штерјова Симонобиќ од ХОПС, Огнен Узуновски – Оги од ЗНАМ и Зоран Василевски од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Модератор на онлајн настанот ќе биде Огнен Јанески од „БИЛКА“.
За канабисот изминативе години се одржаа повеќе дискусии и конференции, а граѓанските здруженија бараа ново законско решение за разлика од она од 2016 година.
Во 2020 година канабисот влезе во поширок јавниот фокус откако Владата и премиерот Зоран Заев најавија негова „декриминализација и депенализација преку измени во кривичниот законик и законот за прекршоци“.
При крајот на ланската година, Заев рече дека откако ќе се дозволи извоз на цвет од канабис за медицински цели со измени на Законот за контрола на опојни дроги, во земјата ќе почне широка дебата за целосна легализација на канабисот.
„До јуни 2021 се очекува да биде отворена дебатата, по што процесот ќе оди во Собрание“, рече тогаш Заев.
Сепак, во изминативе месеци од власта нема јавни настапи за нови поместувања околу третманот на канабисот во Македонија. Меѓувреме, „БИЛКА“ посочи дека заложбите за декриминализација и легализација се декларативни, реагирајќи дека власта ги игнорира.
„БИЛКА“ веќе упати 10 барања, меѓу кои да се зголеми бројот на состојби и болести со кои може да се третира канабис и да се препишува и од приватно, а не само од јавно здравство. Побараа декриминализација на канабис преку измени во Кривичниот законик, со дозволена количина за лична употреба од 50 грама, во услови кога нема други елементи на продажба. Бришење и на кривична евиденција на сите уживатели на канабис, за кои рекоа се илегално гонети по упатство од Обвинителството за „намера за продажбa“.
„БИЛКА“ побара и легализација на канабис како нормален тек по декриминализацијата. Односно, дозволено одгледување до десет стебла за медицински цели од лица кои имаат медицинска потреба и до три растенија за рекреативна употреба, се’ со задолжителна регистрација при државно тело. Исто така, посебен Закон за канабис, Lex specialis, каде би се инкорпорирале бројните области што ги тангираат пациентите и уживателите – дозволените количини, начинот на контрола, постапките за добивање на лиценци.
Бојан Шашевски