Како младите новинари да се мотивираат да останат во професијата

На иницијатива на Секцијата на млади новинари при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се одржа панел дискусија на тема „Предизвици со кои се соочуваат младите новинари: унапредување на капацитетите и развој на меѓуредакциската соработка и солидарност“.

Според ЗНМ, целта на средбата беше да се разговара за актуелни прашања и теми поврзани со работењето на младите новинари, како да се создаде мрежа за комуникација, начини и алатки за реализација, на кој начин да се мотивираат младите новинари да останат во професијата, организација на обуки, семинари и предавања на теми кои се од интерес, кои активности би очекувале да бидат имплементирани во рамките на секцијата на млади новинари и какви промени би сакале да се случат.

Првиот говорник на панелот беше Петар Клинчарски, новинар во А1он кој зборуваше на тема „Како да се создаде мрежа за комуникација помеѓу младите новинари – начини и алатки за реализација“. Се задржа на причините за важноста од постоење и функционирање на Секцијата за млади новинари, токму поради недостигот од млад кадар во редакциите, потенцијалните начини на соработка на заеднички стории.

„Ние како секција можеме да направиме напор да ги заинтересираме младите луѓе кои се уште се во средно училиште да размислат за новинарството како професија со тоа што ќе посетиме неколку училишта во Скопје. Сметам дека тие посети би биле од корист за нив, а и за нас како фела“, кажа Клинчарски.

Адриан Керим, новинар во ТВ Алсат зборуваше за тоа како преку организација на обуки, семинари и предавања на теми кои се од интерес на младите новинари ќе се придонесе кон унапредување на капацитетите и одржување на секцијата во живот.

„Мислам дека е крајно време да се разбудиме и сите сплотено да ја чуваме заедницата и професијата. Во спротивно, после две години не само што ќе нема новинари, туку ќе нема и медиуми и информации. Ако сега не делуваме сплотени, утре немаме право да се жалиме во име на професионалноста“, рече Керими.

Ивана Крстеска – Јаневска, новинарка во ТВ Алфа се задржа на активностите кои младите колеги очекуваат да бидат имплементирани во секцијата. Преку активна дискусија помеѓу присутните беа споделени идеи и примери за враќање на сјајот на новинарската професија, како и позитивни и негативни искуства на колегите од редакциите.

„Сметам дека потребно е секој од нас да делува, наместо само да се кажуваат негативните работи бидејќи тоа  единствениот начин да се подобрат работите, во спротивно ќе нема кој да не наследи. Ние сме последната генерација која има поголем број на новинари, а ако сакаме така да остане мора да делуваме“, рече Крстеска – Јаневска.

Драган Секуловски, директорот на ЗНМ, на крајот истакна дека заеднички може да се направат поголеми промени. Во тој контекст ќе следи информација кога ќе има јавни настани или можност да се споделат коментари кои се во врска со новите законски правила што ја засегаат работата на сите медиумски професионалци.

„Се разговараше за потребата од поголема солидарност и подготвеност за помош од страна на искусните колеги во редакциите бидејќи младите немаат од кого да учат, и доколку ова не се промени интересот за продолжување на кариерата уште повеќе ќе се намали“, велат од ЗНМ.

Во претстојниот период покрај останатите активности на ЗНМ, повторно и оваа година ќе се одржи и камп за млади новинари во Охрид за кој се предвидени активности, меѓу кои ќе има и интерактивни содржини кои ќе придонесат да се реализира една од целите на секцијата, а тоа вмрежување на колегите новинари од различни редакции.

Настанот се реализираше во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и независноста на медиумите како столбови на демократијата во Република Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија.