Јулија Манојлоска ќе изложува во „Марко Цепенков“ во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп во петок од 19 часот ќе биде отворена изложбата на објекти од уметницата Јулијана Манојлоска.

„Една иста форма на елипса, огледала, трите основни бои, црвена, сина и жолта и идејата за невидливото. Трите основни бои се поврзуваат и ги создаваат секундарните бои. Ако преку топчести клопчиња  се претставени основните духовни вредности и дисперзијата на светлината, тогаш овој концепт е далеку од совршен. Напротив, тој е интимен и комлексен концепт за постоењето, за бесконечноста, за застоеното а најбитното. Објекти се дела кои потсетуваат и опоменуваат дека точката ОД која започнуваме е истата точка ВО која завршуваме.

Во овој случај огледалото не е тоа што ја ‘одбива’ светлината од основните бои, тоа ги складира во форма на елипса и ги претвора во нешто што го пробива материјалниот простор и излегува од рамката. Објектите се внимателно поставени во овие околности. Тие се транспарентни и кршливи, но сепак го огранучуваат просторот во кој нешто се случува. Нивната функција е да бидат само аспекти на набљудување на поврзувањето на најчистите бои, како ослободена сетилна, а пред се ликовна сензација“, стои во најавата за изложбата.

Инаку, Јулија Манојлоска е дипломиран ликовен уметник, со повеќе досегашни групни изложби и проекти. Од 2016 година е ангажирана како професор по ликовна уметност во приватната гимназија Алгоритам во Скопје.