ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ објави конкурс за литературна дејност

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје  објави конкурс за промотивни настани од областа на литературата, како промоција на книги издадени во 2023 година, поетски читања, организирање трибини, јавни расправи, фестивали, портрети на писатели, стручни работилници и мултимедијални настани кои во својата основа ја имаат литературата.

„Настаните ќе се организираат во текот на 2023 година, a сo цел развој и афирмација на литературата и поддршка на издавачката дејност во Република Македонија, како и промоција на читачката култура.
Право на учество имаат сите писатели, поети, издавачи, поединци, групи и здруженија“, велат од градската библиотека.

Оттаму дополнуваат дека заинтересираните за аплицирање треба да достават концепт за проектот на една страница ворд (word) документ, куса биографија на учесниците и контакт информации.

Апликацијата се доставува на: biblmiladinovci@gbiblsk.edu.mk, а конкурсот е отворен до  24 февруари 2023 година.

Селекцијата на проектите ќе ја изврши комисија составена од членови ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје. Средствата за проектите се обезбедени од Град Скопје.