МОН објави конкурс за издавање на учебници за основно образование

Во рамки на процесот за унапредување на наставните содржини и модернизација на наставата во основното образование, на 25 март, Министерството за образование објави конкурс за издавање на учебници по предмети од прво, второ, четврто и петто одделение во деветогодишното основно образование за кои се изработени нови наставни програми.

„Право на учество имаат сите автори кои ги исполнуваат условите пропишани со членот 10 од Законот за учебници за основно и средно образование. Притоа, на конкурсот може да учествува автор на учебник само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет и истиот треба да биде изработен според наставниот план и програма за соодветното одделение и согласно Концепцијата за учебник за основно и средно образование“, соопштуваат од МОН.

Крајниот рок за доставување на ракописите за учебници е 11 мај, 2022 година.

Информации за дополнителните услови, критериуми, потребна документација и начин на достава се достапни тука.

Од МОН потенцираат дека печатената верзија на учебниците, согласно постоечкиот Закон за учебници во основното и средното образование е неопходна во наставата, но тоа не ја исклучува и важноста на дигиталната форма.