Јован Митрески избран за нов претседател на Собранието – прифатени оставките на Џафери и Ковачевски

Собранието денеска со 64 гласа „за“ го избра Јован Митрески, кој досега беше координатор на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за нов претседател на законодавниот дом. Против предлогот гласаа 40 пратеници.

Митрески доаѓа на функцијата откако Талат Џафери вчера поднесе оставка, со цел да биде избран за премиер во техничката влада која ќе трае до спроведувањето на парламентарните избори.

Собранието, исто така ги констатираше и оставките на Џафери, како и на Димитар Ковачевски од премиерската функција.

Попладнево, претседателот Пендаровски треба да му го врачи мандатот на Џафери за формирање на техничката влада која ќе има мандат од 100 дена.

Парламентарните избори се закажани за 8 мај.