Јавен повик за апликации за учество во ,,Хуманитарен аспект на мешани миграциски текови”

„Црвен крст“ – Скопје распишува отворен повик за млади за учество во Програм за миграции насловен „Хуманитарен аспект на мешани миграциски текови“.

Програмот ќе се одржи од 3 до 7 октомври со Струга, а право на учество имаат млади од Македонија на возраст од 18 до 25 години, односно ученици и студенти.

Предност ќе имаат младите лица кои посетуваат правни училишта и факултети и ученици и студенти кои посетуваат предметни програми од областа на миграции, безбедност, право, како и политички науки.

Од „Црвен крст“ истакнуваат дека Програмот за миграции е наменет за млади од земјава кои имаат предзнаења од областа на правните аспекти од полето на миграциите или основно ниво за поимање на областа т.е. интерес за изучување на областа со посебен акцент кон хуманитарниот аспект на миграциите.

„Низ неколку дневен теориски и реален приказ на комплексноста на мигрантските кризи и текови, учесниците ќе имаат можност да зајакнат и/или стекнат основни знаења од областа на миграциите односно хуманитарната итност која ја иницираат. На школата ќе се презентираат домашните политики, институции и организации кои имаат своја улога во уредување и справување со миграциските текови. Учесниците ќе биде сензитивизирани за потребите и ранливоста на мигрантите. Конечен осврт ќе биде даден кон мигрантската криза во РСМ во периодот 2015-2020 година“, образложуваат организаторите.

За учество на Програмот, заинтересираните потребно е да испратат своја кратка биографија (CV) и форма за пријавување на skopje.socijala@redcross.org.mk и skopje@redcross.org.mk со наслов: „Апликација за Програм за Миграции“.

Сите трошоци во врска со учеството (транспортот, храна, сместување и материјали) ќе ги покрие организаторот т.е. Црвен крст на град Скопје.

Оттаму дополнуваат дека сите учесници ќе се стекнат со сертификат за учество и ќе имаат можност за идно вклучување во активности на „Црвен крст“ – Скопје, поврзани со темата.