Јапонски Јутјубер кој стана пратеник отпуштен затоа што ниеднаш не дошол на работа

Јутјубер од Јапонија кој минатата година стана пратеник е лишен од функцијата откако не се појавил ниту еден работен ден во парламентот.

На пленарна седница во средата, јапонскиот парламент го избрка Јошиказу Хигашитани поради неговото континуирано отсуство, што е првпат да се преземе ваков чекор во повеќе од седум децении.

Јошиказу е попознат на интернет како „GaaSyy“. Избран е во Горниот дом на јапонскиот парламент во јули минатата година.

Тој не одговори и на поканата на претседателот на Горниот дом, отсуствуваше на пленарната седница на 8 март и од неговото именување не присуствуваше на ниту една седница на парламентот.

Јапонскиот парламентарен закон предвидува дека членовите на парламентот мора да дојдат во Домот на денот на неговото свикување.

За време на пленарната седница на 8 март, „GaaSyy“ бил надвор од земјата, јавуваат локалните медиуми.

Во видео снимка, „GaaSyy“ рече дека оди во Турција за да помогне во областите погодени од неодамнешниот разорен земјотрес. Од него претходно беше побарано да се извини за неговото отсуство, но тој не го стори тоа.

Дисциплинската комисија на Горниот дом во вторник едногласно одлучи да го исклучи од функцијата, што е најстрога можна казна.

Неговото протерување е прво во 72 години и само трето според сегашниот јапонски устав.