Град во Јапонија ќе дава специјални чадори на учениците за да ги заштити од жештините

Децата кои живеат во најтоплиот град во Јапонија ќе добијат специјално направени чадори кои ќе ги штитат од жештините, откако ова лето беа регистрирани рекордно високи температури во поголемиот дел од земјата.

Локалните власти во градот Кумагаја соопштиле дека чадорите ќе служат и за дожд и за сонце, на нив ќе биде поставен грбот на градот и ќе тежат само 336 грама.

Планот е чадорите да се поделат на 9.000 ученици следната недела, пренесува Гардијан.

Кумагаја е град со околу 195.000 жители и е лоциран 60 километри северно од Токио. Таму редовно се регистрираат највисоките температури во Јапонија, делумно и поради топлиот ветер кој ја погодува таа географска локација.

Претходните години локалните власти ги советуваа децата да се заштитуваат од жештините со обични чадори за да избегнат топлотен удар, но голем број од граѓаните се сомневаа во нивната способност да штитат од сончевите зраци. Поради аларматниот број на жешки денови кога температурата се искачуваше до 35 степени целзиусови, од градот решиле да почнат да ги дистрибуираат овие жолти фиберглас чадори.

Од градската управа велат дека освен што ќе ги заштитат од сонцето, чадорите би требало да послужат и за држење на одредена дистанца меѓу децата, што ја елиминира потребата тие да носат маски за да се спречи ширењето на вирусот.

Јапонија ова лето се бореше со најлошиот топлотен бран откако започнало мерење на температурата во 1875 година. Глобалното затоплување предизвика јапонската влада да преземе дополнителни мерки и апелираше да се почитуваат советите за превенција од топлотен удар.

Речиси сите училници во основните и средните училишта низ земјата сега имаат клима уреди, додека министерството за образование лани побара од наставниците да препорачаат децата да носат полесна облека и капи и да бидат постојано хидрирани кога патуваат од своите домови до училиштата.