ЈАДРО: Намалување на персонален данок само за еден сектор ги става останатите во неправедна позиција

ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена остро реагира по повод вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој при посетата на компанијата „Меџикс“ најави дека до 2023 година Владата предвидува намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто.

Од ЈАДРО укажуваат на опасноста од општествена нерамноправност и нанесување неправда, како и демотивација и незадоволство помеѓу различните, а не помалку важни сектори во општеството. Од таму прашуваат врз кои основи ИТ секторот е поважен и егзистенцијално позагрозен, пример, од културните работници. Особено, велат тие, од културните работници кои се во независниот културен сектор, а кои се клучни чинители во создавањето на современите културни и уметнички практики.

„Сакаме да веруваме дека Владата на Република Северна Македонија се грижи подеднакво за сите свои граѓани и за сите општествени страти. Сакаме да веруваме дека веќе сме на крајот од повеќедецениските лично-интересни, партикуларни читања на позициите на моќ, кои се артикулираат како заеднички интерес, а, всушност, тоа не се. Сакаме да веруваме дека политичките елити размислуваат длабоко стратешки за целосната општествена слика и дека татктички дејствуваат во духот на стимулирањето на заедничките добра, солидарноста, правдата и рамноправниот и рамномерен општествен развој“, реагира ЈАДРО.

Во тој контекст, укажуваат дека ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена, како платформа која се застапува за општествено втемелување на независниот културен сектор и на современите културни и уметнички практики, реагира на ваквата најава.

„Културните работници кои се вон институциите се во прекарна состојба, оставени сами на себе, без структурна грижа и поддршка. Секако, ние немаме „пазар“ за да можеме да ја обезбедиме својата егзистенција. Но, и покрај тоа, имајќи на ум дека и покрај недостоинствените услови во кои работиме создаваме продукција која ја става државата на мапата на Европските признаени вредности во современата култура. Освен тоа, би сакале да упатиме дека токму од овој сектор, акцентирајќи ја неговата интердисциплинарност, произлегуваат повеќето од процесите што се темел за демократизација на општеството“, се вели во реакцијата на ЈАДРО.

Токму затоа, велат од Асоцијацијата, повикуваме да се преиспита оваа одлука која би важела изолирано само за еден сектор, и која, велат тие, ги става во подредена, неправедна и недостоинствена позиција останатите сектори во општеството, меѓу кои е и независниот културен сектор.

Инаку, Ковачевски кажа дека со намалувањето на персоналниот данок од 10 на 0 отсто за ИТ секторот ќе има „силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор каде од ден во ден се потребни сè повеќе работници“.

„ИКТ секторот во Северна Македонија во последните години бележи постојан раст во однос на бројот на компании и вработени, раст на извозот и на приходите. Нашите заложби насочени кон натамошно подобрување на условите за работа и растот на оваа индустрија ги преточивме во конкретни мерки на барање на секторот“, рече Ковачевски.

Ковачевски најави дека до 2023 година, се предвидуваат и други стимулативни мерки во ИКТ секторот. Освен намалување на персоналниот данок се предвидува ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата.