Работилница за тајната на звукот и изработка на инструменти од сенешто

„Работилници за тајната на звукот и изработка на инструменти од сенешто“ е серија од 5 работилници, кои во организација на КСП Центар-Јадро ќе се реализираат во тек на месец ноември.

Работилниците, кои се интерактивни и наменети за учесници од најразлични генерации, ќе бидат водство на мултидисциплинарниот уметник Дејан Спасовиќ. На крајот на серијата работилници, на 28 ноември, е планирана завршна презентација која ќе биде изведена пред КСП Центар- Јадро.

Инструментите генерално ги делиме во три главни групи, ударни, жичани и дувачки, објаснуваат организаторите.

„Наназад во историјата луѓето биле вешти сами да си ги изработат инструментите и со тоа да не бидат зависни од никого во својата креативност. Зачудувачки е бројот на инструменти кои можеме сами да ги изработиме од предмети од секојдневието. Изработката и свирењето на инструменти од работи кои ги користиме во домаќинството е со огромна едукативна, еколошка и уметничка вредност што може да ја врати музичката креативност кај луѓето“, велат тие.

Оттаму додаваат дека инструментите помагаат да се поттикне иновативноста и музичката креативност.

Работилницата е отворена еднакво за учесници без претходно музичко искуство, како и оние кои веќе имаат некакво музичко искуство, а сите заинтересирани може да се пријават ТУКА. Пријавувањето трае до денес.

Работилниците ќе се одржуваат во КСП Центар-Јадро, на следниве датуми и термини:

  • среда (24.11), од 17:30-19:00
  • четврток (25.11), од 17:30-20:00
  • петок (26.11), од 17:30-20:00
  • сабота (27.11), од 12:00-14:30
  • недела (28.11), од 12:00-13:30 (работилница), 13:30 (финална презентација на отворено, пред Центар-Јадро)

Дејан Спасовиќ е роден 1974 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности (отсек за скулптура) во Скопје во 1997 година и магистрирал во 2017 година.

Неговиот главен интерес во последните години е интерактивноста, изразена во форма на аудио-визуелни инсталации, интерактивни скулптури и перформанси.

Во последните десет години има реализирано повеќе самостојни и неколку групни изложби во Македонија и во странство. Активен е и во областа на музиката како композитор и член на повеќе ансамбли и проекти кои се движат од традиционална македонска музика до модерна и експериментална музика.

Последните десет години се занимава со креативна едукација на деца и млади преку работилници базирани на животни вештини.