Изведба на шест драмски монолози „Нацистички остатоци“ во Музејот на македонската борба

По повод Денот за сеќавање на холокаустот врз Ромите,  Институтот за истражување и анализа на политики – „Ромалитико“ и Здружението на љубители на ромска фолклорна уметност – „Романо Ило“ организираат изведба на драмски монолози.

Изведбата на шесте монолози наречени „Нацистички остатоци“, ќе се одржи на 26 август, петок, во Музејот на македонската борба во Скопје, со почеток во 19 часот.

„Преку шест кратки драмски монолози преземени од личните приказни на преживеаните, ќе се пренесат емоциите, чувствата и болката на Ромите жртви на нацистичкиот режим и ќе се испратат пораки за актуелниот културен геноцид и антициганизам со кои се соочуваат Ромите денес. Четири од монолозите се приказни на Роми кои го преживеале холокаустот за време на Втората светска војна, додека останатите се однесуваат на агресијата и притисоците врз Ромите во некои од европските земји“, велат организаторите.

Оттаму додаваат дека секоја година, на 2 август се одбележува споменот на последните 4.300 Синти и Роми кои беа убиени од СС на тој ден во 1944 во германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау и покрај нивниот жесток отпор. Во спомен на сите 500.000 убиени Синти и Роми во нацистички окупираната Европа, Европскиот парламент го прогласи 2 август за Европски ден на сеќавање на холокаустот врз Синтите и Ромите.