ЕСЕ: Ромите во земјава умираат од болести на циркуларниот и респираторниот систем пет пати повеќе од граѓаните во ЕУ

Клучни фактори од животната средина кои имаат најголемо влијание врз појавата на хронични и акутни заболувања кај Ромите се загаденост на амбиенталниот и внатрешниот воздух, вода, санитарни услови и хигиена, управување со отпад, урбанизација и инфраструктурни услови, како и ризик при работа.

Овие податоци денес беа презентирани во рамки на истражувањето „Живот на периферијата – студија за изложеноста и влијанието на еколошките ризици врз здравјето и животната средина на Ромите“ изработено од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

Истражувањето за изложеноста и влијанието на еколошките ризици врз здравјето и животната средина на Ромите се спровело во 13 сиромашни, неформални ромски населби, лоцирани во пет градови и едно село во Северна Македонија.

Анкетирано било 2171 лице, претставник на домаќинствата во населбите, како и претставници на општинската администрација на општините Шуто Оризари, Куманово, Прилеп, Виница, Делчево и Пехчево.

Од ЕСЕ истакнуваат дека факторите кои влијаат на здравјето на Ромите се должат на употреба на несоодветни и штетни горива, немање вода за пиење, неквалитетна вода за миење и готвење, споделување на тоалет со други, живеење до диви депонии, ѕидови и покриви од примитивни, природни или пак нестандардни материјали, и постоење на мувла или влага и директен контакт со отпад и отпадни води и изложеност на високи температури.

„Како резултат на континуирана изложеност на загаден воздух и комбинацијата на другите социо – економски фактори, нашите сограѓани умираат од болести на циркуларниот систем како инфаркт, мозочен удар и болести на респираторниот систем пет пати повеќе од граѓаните во земјите од ЕУ, како и од малигни заболувања за една третина повеќе од земјите од ЕУ“, велат од ЕСЕ.

Истражувањето, прво од ваков вид во земјата, покажува дека 60 отсто од Ромите имале акутно респираторно заболување во последните два месеци, односно кашлица, болки во грло, воспаление на бели дробови, бронхит…

„Во најголем број на домаќинства членовите се изложени на два до седум ризици секојдневно. Колку е поголем бројот на ризик фактори во домаќинствата, толку е поголем и процентот на лица од домаќинството кои боледуваат од хронични заболувања“, истакнато е во истражувањето.

Од ЕСЕ посочуваат дека во земјава, животната средина и здравјето на граѓаните, особено на Ромите и ранливите групи се прашања од маргинален интерес и во пракса се преземаат незабележителни чекори, кои на краток рок воопшто нема да дадат резултати, а долгорочно ќе резултираат со задоцнети промени и ефекти.