Ромите да пријават до нас доколку се дискриминирани, порачуваат од Комисијата против дискриминација

По повод Меѓународниот ден на Ромите, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги повика сите граѓани од оваа етничка заедница да ги пријават случаите на дискриминација за да добијат соодветна правна заштита.

Во нивното соопштение тие потенцираат дека првпат од постоењето на оваа институција во неа има и член Ром и додаваат дека како национално тело за еднаквост се обврзуваат во нивниот мандат да дадат приоритет на превенцијата и заштитата од дискриминација врз Ромите во сите општествени сфери.

„Комисијата особено посветено ќе работи на елиминирање на сегрегацијата на децата Роми во образованието, отстранување на системската дискриминација во пристап до здравствени услуги и на превенција и заштита од дискриминација во пристапот до добра и услуги на Ромите. Ги повикуваме и охрабруваме сите граѓани од ромската етничка заедница кои сметаат дека биле дискриминирани да ги пријават случаите на дискриминацијата во Комисијата и да добијат соодветна правна заштита“, велат од институцијата.

Оттаму додаваат дека денеска не може да се зборува за значаен напредок во заштитата од дискриминацијата врз Ромите во ситуација кога над 85% од жените Ромки не го посетиле својот матичен гинеколог, кога само 3% од граѓаните вклучени во активните мерки за вработување се Роми и кога припадниците на оваа етничка заедница сѐ уште се најчесто жртви на расизам, дискриминација и сегрегација.

„Дополнително, ваквата ранливост на Ромите е зголемена во време на пандемијата, предизвикана од КОВИД-19, бидејќи голем дел од ромската етничка заедница се соочува со екстремна сиромаштија, супстандардни услови за живот и недостиг на адекватна здравствена заштита“, додаваат од Комисијата која преку соопштението го честита Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април.