Изведба на обновената опера „Лидија од Македонија“

Новата сезона во Националната опера и балет ќе се отвори со обновата на македонската опера „Лидија од Македонија“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски на 16 септември 2023 со почеток во 20 часот.

„Операта ‘Лидија од Македонија’ е опера во два дела за првпат создадена во 2001 година, по нарачка од тогашниот Македонски народен театар. Либретото го направиле Гиј Шелеи и Дора Петрова (Франција) во препев на Лилјана и Јордан Плевнеш. Се работи за првата покрстена жена на европскиот простор од свети апостол Павле, која се викала Лидија и била од Македонија“, се вели во описот за операта.

Диригент на претставата е Иван Еминовиќ, а режисер Пламен Карталов (Бугарија).  Обновата на режијатаја направи Трајко Јордановски, сценографијата Панче Минов, а костимографијата Елена Дончева.

Во главните улоги ќе настапат Наде Талевска Спасовска во улогата на Лидија, Игор Дурловски во улогата на Павле, Драган Ампов во улогата на Силас, Марјан Николовски / Никола Стојчевски во улогата на Тимотеј, Васко Здравков во улогата на Ангелот човек, Ана Ројдева Талевска / Катерина Стојановска -Асиа, Александра Лазаровска – Василевски / Елена Голомеова – Агиа и Марика Поповиќ / Соња Пендовска Мадевска – Дина.

Настапуваат хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Билетите за operaта се пуштени во продажба онлајн на www.operabalet.mk и билетарницата на Националната опера и балет.