Изложба на Љупчо Бојаров во КИЦ

Во изложниот салон „Империјал“ на Културниот информативен центар во Скопје, вечерва ќе се отвори изложбата на ликовниот уметник Љупчо Бојаров.

Изложбата ќе се отвори во 19 часот, а ќе трае со 15 ноември. Изложбата е наречена „Предели во дрво, стакло“, а ќе бидат изложени 30 дела работени од материјали како дрво, стакло, епоксидна смола и бакарна жица.

Уметничките дела се создадени во периодот од 2015 до 2021 година.

Бојаров е роден во 1959 во Скопје. Во 1984 дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, а живее и работи во Скопје. Добитник е на домашни и меѓународни награди, а учествувал на македонски изложби, како и изложби во Србија, Црна Гора, Чехословачка, Унгарија, Словачка, Шведска, Шпанија, Англија, Франција, Америка, Грција, Египет, Италија и Бугарија.