Изложба на Филип Циглењак Симоновски на 14 декември во ДКЦ „Карпош“

Околу 40 уметнички дела на Филип Циглењак Симоновски во среда (14 декември) ќе бидат изложени во ЈУ Детски културен центар „Карпош“.

Изложбата е во  организација на здружението „Во мојот свет“ и Идеа Лаб, од каде потенцираат дека деветгодишниот Филип, кој е момче со аутизам, преку талентот за цртање ги проширил границите на својот свет.

„Филип е редовен ученик во четврто одделение при основното училиште ‘Ристо Крле’ во Кадино, а од своја четиригодишна возраст, сосема случајно, почнува да слика акрил на платно. Оттогаш неговите слики, чии најчест мотив е природата, зборуваат со силни бои и носат наплив од емоции“, се вели во најавата за изложбата.

 

Со оваа изложба, велат организаторите, Филип ќе покаже колку е посебен, талентиран и единствен.

„Цртањето и сликањето се всушност еден вид невербална комуникација, па така Филип, преку неговите уметнички дела, на вистински начин го изразува своето внатрешно битие со околината која со интерес ја следи неговата креативност. Преку уметничкото творештво и јавното прикажување на создадените дела на децата со аутизам, можно е да се промени перцепцијата и да се помести утврдениот фокус на типичната популација: За промена, да ставиме акцент на она што можеме да го направиме, наместо на постојано наведувајќи сè што аутизмот го прави тешко или ‘невозможно’“, се вели во најавата за изложбата.