Избрани три најдобри раскази на вториот регионален конкурс Бибер

Расказот „Семејството на чичко Аки“ на Анушка Цветковска од Скопје доби трета награда на вториот регионален конкурс за краток расказ Бибер на тема „Помирување“.

Според одлуката на тричленото жири (Татјана Громача, Ким Мехмети и Фарук Шехиќ), прваонаграден е расказот „Јадат луѓе и без нозе“ на Милица Вучковиќ од Белград, а втората награда – „Чичко Зав“ на Џенета Ровчанин од Сараево.

„Расказот „Семејството на чичко Аки“ во себе спојува ведрина и тага, славје и радост поради можностите за среќен, шаренолик соживот на различностите, и резигнација и тага заради неможноста на трајна, вистинска егзистенција во таква атмосфера“, наведува жирито во образложението за наградениот расказ на Цветковска.

Жирито направи селекција на раскази кои ќе бидат објавени во повеќејазична збирка во 2018 година. Покрај трите наградени, ќе бидат објавени уште 22 расказа.

„На конкурсот пристигнаа 385 раскази. Тоа е речиси 20 проценти повеќе раскази отколку што пристигнаа за првиот конкурс Бибер, што многу не радува. Им благодариме на сите автори и авторки кои пишуваа и ги испратија своите раскази на оваа многу комплексна тема и со тоа придонесоа овој конкурс да расте и да се развива“, соопштија организаторите на конкурсот.

МИА