Избори се ближат, граѓаните имаат потреба за отпорност од дезинформации

Ширењето дезинформации, манипулирањето со фактите и искривувањето на реалноста стана секојдневие. Имајќи ја предвид изложеноста на граѓаните на дезинформации, како и претстојните избори во земјата, неопходно е да се работи на позитивни практики за креирање поголема општествена отпорност на погрешните информации, заклучија учесниците на денешната панел дискусија насловена „Демократијата на коцка: Справување со дезинформациите како ризик за изборниот процес“.

Настанот го организираше Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) по повод Меѓународниот ден на демократија, кој традиционално се одбележува на 15 септември.

„Негативното влијание на лажните информации нема граници. Тие влијаат на сите нас, без разлика каде живееме или со што се занимаваме. Ја поткопуваат довербата, ги нагризуваат темелите на демократијата и ја попречуваат вклученоста на маргинализираните групи во општеството. Според последниот Индекс на медиумска писменост, 70 отсто од луѓето во Северна Македонија има ризик да веруваат во манипулативни информации без да ги проверат, во споредба со Финска каде овој индекс е 10 отсто. Затоа, неопходно е сите општествени фактори да се обединат во борбата против дезинформациите“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Новинарите секојдневно се сретнуваат со дезинформации и често пати се првата брана која ќе спречи или ќе дозволи да се рашират до јавноста. Токму затоа е особено важно кај новинарите да се крене свеста за штетните последици од дезинформациите и да станат поспремни да се борат со нив, порача претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски.

„Во ера на огромен проток на информации, посебно на дигиталните платформи, нашата професија се наоѓа на критичен крстопат. Ние постојано се движиме во поле каде што фактите може да бидат заматени, со вистините може да се манипулира и дезинформациите да се шират со брзина на светлината. Да бидам попрецизен, дезинформациите, без разлика дали се намерни или ненамерни, ја загрозуваат самата суштина на нашата професија. „Благодарение“ на нив, се нагризува довербата во медиумите, се делат заедниците и се поткопуваат темелите на демократијата. Како новинари, нашата мисија никогаш не била поважна – да служиме како чувари на вистината, да даваме точни и проверени информации и да бараме одговорност од сите политички фактори, во насока на претпазливи канали за пласирање информации“, рече Чадиковски.

Учесниците на панел дискусијата говореа за потребата да се работи на поголема медиумска писменост, зголемување на медиумскиот интегритет, големото влијание на социјалните мрежи врз секојдневното конзумирање информации од граѓаните.

„Не се сите дезинформации вирални, но најопасни се тие кои се вирални. Да одите да се информирате на некој агрегатор за вести или на социјална мрежа е како да одите во џунгла вооружени со пенкало, едноставно мора да селектирате што следите. Клучен метод кој јас го користам е информациска диета односно ограничување на бројот на информации кои ги примам на дневно ниво. Тоа е мој систем, секој може да изгради свој систем како да ги филтирира информациите, но да имаме предвид дека на граѓаните мора да им помогнеме да ги филтирираат информациите“, рече Сеад Џигал, професор на факултет за комуникации.

УНДП најави дека започнува со имплементација на проектот „Прескокни ја лажната информација“, чија цел е зајакнување на капацитетите на локалните заедници да бидат поотпорни на погрешни информации и родово базирани дезинформации.

Активностите ќе бидат насочени кон зголемување на медиумската писменост и медиумскиот интегритет, разоткривање на постојните дезинформации преку креирање регионална платформа на која ќе се објавуват издржани и веродостојни новинарски производи од неколку помали градови во државта, како и зголемување на општествената свест за родово базираните дезинформации. Партнери во проектот ќе бидат ЗНМ и Државната комисија за спречување на корупција, а се имплементира со финансиска поддршка на Данска, Луксембург, Република Кореја и Шведска, во рамки на програмата UNDP Funding Windows.

Фото: УНДП