Италијанската премиерка Мелони го тужи пејачот на „Пласибо“ бидејќи ја нарекол „фашист и расист“

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, го тужи фронтменот на „Пласибо“, Брајан Молко, за клевета, откако тој јавно ја нарече „растист“ и „фашист“, пишува Гардијан.

Молко овој коментар го дал при настап на бендот на Фестивалот „Соник Парк“ во близина на Торино во јули.

На видеоснимка објавена на социјалните мрежи од фанови кои присуствувале на концертот може да се слушне како тој упатува навреди кон премиерката и ја нарекува „фашист и расист“.

Една недела подоцна италијанското обвинителство отвори истрага против Молко, поради навреда на државните институции.

Италија има една од највисоките стапки на тужби за клевета против медиумите во Европа, покажуваат податоците на новинарските здруженија.

Роберто Савиано, авторот на „Гомора“, се соочува со судски процес поради коментари кои ги имал против Мелони и нејзините ставови за имиграцијата. Таа го тужеше за клевета и судија во Рим одлучи дека писателот треба да се појави на суд. Доколку биде осуден Савиано може да добие и до три години затворска казна.

Според италијанскиот кривичен законик, секој кој „јавно ја омаловажува Републиката“, што ја вклучува Владата, Парламентот, судовите и армијата, се соочува со парична казна од 1.000 до 5.000 евра.

Меѓународниот новинарски институт и други организации повикаа италијанскиот Парламент да направи комплетна промена во законите за клевета, со кои тие ќе бидат усогласени со меѓународните стандарди за слобода на изразување.