Истраги во Бразил откако симпатизери на екс-претседателот Болсонаро упаднаа во претседателската палата

Бразилските власти започнаа истрага откако вчера приврзаници на екс-претседателот Жаир Болсонаро направија хаос во главниот град Бразилија и упаднаа во претседателската палата, Конгресот и Врховниот суд.

Илјадници демонстранти ги пробија сигурносните барикади, се качуваа на крововите, кршеа прозори и влегоа во трите објекти кои се поврзани со трите клучни нивоа на власт во државата. Дел од граѓаните бараа интервенција од војската за да го врати на власт Болсонаро.

Новиот претседател, Луис Инасио да Силва – Лула најави дека за сите одговорни за немирите ќе следуваат казни.

Врховниот суд на Бразил доцна синоќа го суспендираше од функцијата градоначалникот на Бразилија Ибанез Роха на 90 дена поради пропусти во безбедноста во главниот град, додека еден од врховните судии издаде наредба до социјалните платформи Фејсбук, Твитер и ТикТок да блокираат секаков вид на пропаганда поврзана со обидот за пуч.

Овие мерки доаѓаат откако симпатизерите на Болсонаро, кои одбиваат да го прифатат неговиот изборен пораз, упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата, само една недела по инаугурацијата на новиот претседател Лула. Станува збор за најлошиот напад на бразилските институции по воспоставување на демократскиот систем пред четири децении.

Снимките на локалните телевизиски станици покажаа како демонстрантите се движат низ претседателската палата, многумина облечени во жолта и зелена облека, бои на бразилското знаме, кои исто така станаа препознатливи симболи на власта на Болсонаро. На снимките може да се види како дел од граѓаните кршат прозори, уништуваат уметнички дела, а украден бил и оригиналниот устав на Бразил од 1988 година.

Полицијата, која делувала целосно беспомошно да го спречи упадот, залудно се обидувала да ги спречи демонстрантите со фрлање солзавец.

Инцидентот брзо беше осуден од светските лидери, од американскиот и францускиот претседател, Џо Бајден и Емануел Макрон до речиси сите лидери на државите од Латинска Америка.

Немирите се споредуваат со упадот во Конгресот на САД од 6 јануари 2021 година, нешто на што многу аналитичари предупредуваа со месеци. Приврзаниците на Болсонаро протестираа против изборната победа на Лула од 30 октомври, со блокирање патишта, палење возила и собири пред воени објекти. Многумина од нив веруваат дека изборните резултати се лажни и наместени.

Лула повика на федерална интервенција од безбедносните сили во главниот град и најави строги казни за лидерите на, како што го нарече „нео-нацистичкиот напад“.

Според министерот за правда, Флавио Дино, досега се приведени околу 200 учесници во немирите, додека градоначалникот на Бразилија посочи дека бројката на уапсени е повеќе од 400.

Болсонаро, кој одлета за САД пред инаугурацијата на Лула, реагираше на немирите кои се случуваа во бразилскиот главен град посочувајќи дека „мирни демонстрации се составен дел на демократијата“, иако ги осуди упадите во владините објекти.

Поранешниот претседател се соочува со неколку процеси кои се покренати против него пред Врховниот суд, додека загубата на неговиот политички имунитет го остава изложен на повеќе истраги поврзани со криминали и изборни измами кои можат да водат кон негово апсење или забрана за учество на избори во иднина.