„Исцелител“ на Ѓорче Ставрески во трка за најдобар прв долгометражен филм во Талин

Македонскиот филм „Исцелител“ (Secret Ingredient) на режисерот Ѓорче Ставрески е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на светски познатиот филмски фестивал во Талин, Естонија – „Црни ноќи“ кој е домаќин на над 700 делегати од филмската индустрија.

По речиси две години од крајот на снимањето, филмот ќе ја доживее својата интернационална премиера во програмата „Први долгометражни филмови“ и ќе има три проекции за време на фестивалот.

„Црни ноќи“ е еден од 15-те водечки филмски фестивали во светот. Тој е единствен фестивал во нордискиот и балтичкиот регион акдредитиран во престижната А-категорија и е еден од најголемите фестивали во Северна Европа. Фестивалот има три компетитивни програми: Официјална селекција, Први долгометражни филмови и Естонски филмови. Покрај нив, фестивалот има некомпетитивни програми и ретроспективи, и е домаќин на еден од најголемите настани во филмската индустрија, „Tallinn Industry”.

Фестивалот е формиран 1997 година и ова е негово 21-во издание, а филмот „Исцелител“ е прв македонски филм кој ќе биде прикажан на овој значаен фестивал во натпреварувачка програма. Фестивалските проекци и настани привлекуваат над 80 000 посетители кои можат да погледнат филмови од повеќе од 70 земји.

Во филмот играат: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ и Симона Димковска. Сценарист е Ѓорче Ставрески, автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Мартин Иванов, мајстор на тон е Игор Поповски, сценограф е Симо Бранов, костим – Раде Василев, а шминката е на Мојца Горогранц Петрушевска.

Македонската премиера филмот ќе ја има на 19 ноември на фестивалот „Синедејс“.