„Исцелител“ ќе биде прикажан на HBO каналот Cinemax 2 за Нова година

Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески премиерно ќе се емитува за Нова година на престижниот филмски канал Cinemax 2 од семејството на HBO канали. Филмот од 31 декември ќе биде достапен и во понудата на HBO стриминг услугата на видео на барање – HBO GO.

Cinemax 2 е филмски канал кој се фокусира на филмски класици, култни филмови и евергрини, како и актуелни меѓународни и европски сензации од филмските фестивали. Филмската програма на Cinemax 2 прикажува безвременски врвни режисерски и актерски остварувања, а гледачите уживаат во разновидна програма со атрактивни наслови, трилери, хорори и серии.

Филмот „Исцелител“ во ударниот термин од 20:30 часот на новогодишната ноќ, освен во Македонија, ќе се емитува низ цела централна Европа, односно во: Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Романија, Молдавија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Со ова голем број на гледачи низ Европа ќе се запознаат со дебитантскиот филм на режисерот Ѓорче Ставрески. Со новогодишното прикажување на „Исцелител“ продолжува серијата успеси и остварувања на филмот.

Претходно „Исцелител“ ја освои наградата на публиката на Солунскиот филмски фестивал (прва во македонската историја), специјалната награда за сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел, а доби и фантастични рецензии во речиси сите филмски списанија како „Варајети“, „Скрин Дејли“ и „Холивуд Репортер“ каде дури беше предложена и идејата да се направи американски римејк на филмот.

„Исцелител“ веќе шеста седмица се прикажува во кината Синеплекс и Милениум, а ја имаше и својата премиера во Битола и Штип.

HBO е светска програма која се добива со претплата преку оператори, но има и своја продукција која од која произлегуваат некои од најпознатите светски серии како „Сексот и градот“, „Сопранови“, „Игра на тронови“ и други.

„Исцелител“ е првиот македонски филм кој е дел од понудата на видео стриминг услугата HBO GO. Од неодамна, во Македонија е достапна и можноста за директна претплата на HBO GO преку интернет страницата hbogo.mk. Сите нови корисници можат да ја испробаат услугата еден месец бесплатно без обврски.