Иран забрани филмски фестивал поради постер со актерка која не носи хиџаб

Иран го забрани 13. издание на филмскиот фестивал ИСФА поради постерот на кој актерката Сузан Таслими од филмот „Смртта на Јаздгурд“ од 1982 година не носи хиџаб.

„Министерот за култура лично издаде наредба да се забрани 13. издание на ИСФА откако организаторите употребиле фотографија од жена без хиџаб што го прекрши законот“, пренесува новинската агенција ИРНА.

Носењето хиџаб во Иран е задолжително за жените од 1983 година, по исламската револуција во 1979 година. И покрај тоа жените таму протестираа против задолжителниот хиџаб.

Протестите се засилија во септември минатата година по смртта на младата Махша Амини која почина додека беше притворена од иранската морална полиција поради несоодветен кодекс на облекување. Протестите беснееја во Иран со месеци, кога жените ги вадеа хиџабите и ги палеа во знак на револт кон режимот. Иако повеќето од нив згаснаа и властите воведоа нови мерки за проверка на пркосите, продолжуваат индивидуалните акти на отпор.

Пред неколку месеци властите одлучија да ја укинат Моралната полиција, но медиумите минатата недела пренесоа дека таа се враќа на улиците да ги контролира жените дали носат хиџаб. Минатата недела и актерката Афсане Бајеган доби условна затворска казна од две години. Според локалните извештаи, судот во Техеран ѝ забранил да користи социјални мрежи и добила забрана за напуштање на државата во период од две години. Бајеган добила и наредба да оди на неделни посети во психолошки центар за „лекување на ментално нарушување на антисемејната личност“.

Иранската морална полиција се враќа на улиците да контролира дали се носи хиџаб