[Интервју] Давид Ангелевски: Денес е најголем предизвик да се остане надвор од црно-белиот вортекс на апсурд и омраза

Кафе-книжарницата „Буква“ минатиот викенд беше прилика за собир. Познаници, другари, уметници кои се дел од приказната или љубители на издавачката куќа „Шарла“ дојдоа да слушнат концерт на Димитра. И не само заради тоа. Собирот значеше промоција на албумот „Работ на акција“, ама почна и одбележување на 10-годишнината на „Шарла“, под чија закрила цела деценија се зајакнува независната заедница на бендови и музичари.

Оттука, Радио МОФ направи интервју со Давид Ангелевски, човекот зад кој се проекти како „Пиколомини“, „Афионови полиња“, „Tribute to Dead Gentleman“…, човекот што прави музичка подлога и за театар, а притоа ја менаџира „Шарла“. Тој долги години соединува артисти што ја претставуваат онаа визија на лабелот – да бидат свои, автентични и ослободени во музичкиот пристап. Со тоа, да ги храни и музичките истражувачи, одново и одново.

Ајде малку ретроспектива. Знам дека своевремено беше дел од „Стротројка“. Веројатно таму некаде дојде потребата за издавачка куќа, која ќе овозможи сите тие музики и снимки од домашни артисти, „заглавени“ по фолдери – да добијат валоризација, да бидат слушнати од повеќе луѓе?

Д.А: Во „Канал 103“ сфатив колку е важно да се работи во колектив со јасно изграден културен, политички и филозофски профил. Гласот станува посилен во група и тоа е особено важно кога делувате во рамки на независен ентитет и идеја, во случајов од областа на музичка субкултура која овозможува критички отворен поглед на општеството. Таа позиција на вистински андерграунд медиум „Стотројка“ ја оствари уште во 90те години, наше беше да ја пренесеме и соодветно примениме како автентичен радиски концепт во новиот милениум, што не беше така едноставно. Воедно, во континуитет беше (и верувам дека сè уште е) радио со особено силно влијание во музичкиот свет, а со тоа и олеснет пристап до музичките материјали на сцената. Мојот прв албум, на предлог на тогашните колеги, излезе за тогаш штотуку отворениот лејбл „Стотројка“, која набргу стана додадена вредност на веќе постоечката радиската платформа. Низ годините потоа и самиот учествував во изградбата на овој лејбл преку продукцискиот процес на следните изданија. Тука и се зачна идејата за проектот „Шарла“ како засебен издавачки ентитет кој неформално би функционирал под закрилата на „Канал 103“. Со тек на време, „Шарла“ се профилира со својата специфичност и прерасна во респектабилен независен музички издавач и надвор од границите на државата – во поширокиот регион.

Според податоците на „Бендкемп“, првото издание на „Шарла“ пред 10 години беше твоето EP „Деца во длабоко“ сo проектот „Пиколомини“, како што патем се викаше и твоја книга објавена во пандемиското лудило. Низ овој децениски круг, можеби самиот поим „Деца во длабоко“ е некаков ракурс, одреденица на „Шарла“?

Д.А: Да, тоа беше згодна симболика која го одреди и почетокот на приказната на „Шарла“, иако изворно, референцата јасно упатува на состојбата на нашето кревко општество во постојаната борба со апсурдот на постоењето и сопствениот идентитет и опстанок. Паралелно, тоа ја означи и новата фаза на проектот „Пиколомини“ на македонски јазик, и некоко низ годините стана поетско-филозофска фраза која беше невозможно да се избегне кога се одредуваше насловот на книгата со текстови од песни. И денес, после десет години од таа песна може да се констатира дека – остануваме деца во длабоко кои шлапкаат со рацете во вода, во очаен обид да се стигне до „бреговите од кулис, под синото небо од плав картон“. Зарем не?

Често самата „Шарла“, но и медиумите што ја следиме „Шарла“, ја нарекуваме независен лабел. Што значи независен во денешно време? Издавање музика без компромиси, со DIY (направи сам) пристап?

Д.А: Поимот независен во музичкото издаваштво и културата воопшто, се однесува на слободата во изборот на артисти и бендови чија музика и ставови не робуваат на потребите на музичкиот пазар и неговите трендови. Дури и по цена со својата неконвенционалност да бодат уши и очи. Напротив, тоа се бара. Логично, ова подразбира независност од државните фондови за култура или разноразните приватни претприемачи, таканаречени спонзори. Историски, тоа ја отвори вратата за музичката субкултура од панкот наваму и направи да имаме глобално многу важни албуми на бендови и артисти кои никогаш не би ги потпишале издавачите од музичкиот мејнстрим. Во меѓувреме, целиот тој концепт се искомпромитира вклопувајќи се во западната медиумска машина за производство на лажни митови и идоли за да на крај биде проголтана како сосем неважен дел од индустријата. Денес, за жал, голем дел од оние што се претставуваат како независни издавачи или поединци, држат дебати и советувања како да се стане видлив и факторизиран музичар во рамки на регионалната или глобалната музичката индустрија. Тоа секако подразбира сериозни уметнички компромиси кои се погубни за секој млад автор. Оттаму и нивниот краток музички век. Тоа никогаш не беше приказната на „Шарла“. Денес, после десет години можам да кажам дека и покрај радикалните промени во технолошкото опкружување и притисокот да се биде дел од масовната клик/хајп култура, останавме доследни на основачкиот принцип. Во него стои дека ќе промовираме и поддржуваме млади бендови и артисти со храбар и прогресивен музички дух и израз, без жанровски и стилски ограничувања и без никакви наметнувања како да звучат или да изгледаат. Тоа направи да изградиме еден хомоген музичко-издавачки колектив кој се базира на силна взаемна доверба и љубов. Тука би ја подвлекол изјавата на Димитра која за време на неодамнешниот настап во „Буква“ кажа дека „Шарла“ за неа не е издавачка куќа, туку дом. Тоа е суштината.

Како се наоѓаат и договараат изданијата на „Шарла“? Преку другарства, слични музички сензибилитети, можеби и преку самите свирки каде секој на секој е публика и критика…?

Д.А: Секој нов артист или бенд природно си го наоѓа патот до нашиот дом преку својот автентичен израз и препознавање во приказната на „Шарла“. Тоа се културните патокази кои Шарла ги остави позади себе во овие десет години работа. Така, некои ни пишуваат и ни испраќаат материјали, некои музичари ни се препорачани од наши артисти, а некои ние ги бараме. Некои прифаќаат соработка, некои не, и тоа е во ред. Она што им го нудиме е креативно посредување или како јас тоа го нарекувам – издавачко кураторство преку раскажување, толкување, коментирање и поигрување со симболите на современото друштво и неговите феномени. Притоа, секој се вклопува во мозаикот на „Шарла“ и учествува во тој наратив со својата авторска посебност и личен светоглед. Тука секој работи за секого и успехот на секое издание му го трасира патот на секое наредно. Оттаму, феноменот „Шарла“ како регионално препознатлив издавач – поради силата на колективот кој работи солидарно, искрено и посветено.

Во изминатиов период изникнаа десетици бендови и музичари. Има вибрантна џез и рокенрол сцена, изникна и „Гола Планина колектив“, цели нови генерации што си ја обликуваат и дефинираат сопствената музичка стварност, избегнувајќи ја носталгичната стапица од типот „Порано беше боље, сега е тапа музикава“. Успева ли Давид со својата музичка километража, заедно со „Шарла“, да ја пресконува таа потреба да се живее во минатото?

Д.А: Сеќавањата и минатото на секој човек се важни за обезбедување внатрешен мир и стабилност. Освестувањето на тој дел од животот помага да се разбере постоењето во смисла на континуитет на личното со сите убави и не така убави моменти преку соочување, прифаќање или уживање во нив. Тоа секако нуди прибежиште. Впрочем, таму се и корените на знаењето, ако стеблото е денес, а цветот – иднината. Но, многу е важно да не се остане во тој сентимент како во некоја меланхолична дупка и да се биде роб на таа емоција. Времето во кое живееме е наше време, колку и да знае да донесе чувство на несигурност, нестабилност и загрижа. Воедно е предизвик за секој човек со својата креативност да го долови духот на своето време согласно своите интимни чувства и дразби, искуство, став или лудило, без притоа некому да поднесува сметки. Убавината на овој век е во технолошката можност секој поединец да продуцира и зрачи од својата индивидуална позицијата на креативно битие и така да учествува во глобалната мрежа на храбри идеи. Јасно е дека тоа има и свои мрачни страни во смисла на злоупотреба на јавниот простор за политички пропаганди на идеологиите на омраза и заблуда, но тоа е цената на оваа слобода како современ феномен. Ова дотолку повеќе ја афирмира потребата од организирање во мали и функционални заедници на креативни поединци во секоја област кои би го давале позитивниот пример на поврзување низ дела. Денес е најголем предизвик да се остане надвор од црно-белиот вортекс на апсурд и омраза. Тука ја гледам и смислата на „Шарла“ како нешто повеќе од издавачка куќа.

„Шарла“ објавува и музика за театар. Можеби мисијата е да се даде до знаење дека тоа не е само наменска музика, дека тука има уметнички вредности што треба да бидат архивирани, но и слушнати од мнозинството?

Д.А: Се случи сосем неочекувано, во релативно краток временски период јас и Гала да добиеме можност да работиме музика за четири театарски претстави. Тоа беше отворање врата кон еден сосем непознат простор и крајно возбудлив предизвик, верувам и за двајцата. Можеби фактот дека издаваме за „Шарла“ направи да имаме во предвид дека таа музика треба да функционира и како независно музичко тело и надвор од намената за која се прави. Барем јас во мојот процес го носев тоа чувство, иако јасно е дека примарната задача на секое музичко дело за театар е пред сѐ – да комуницира со текстот и да ѝ ‘служи’ на сцената, дури и по цена на извесна редуцираност во изразот и нецеловитост во формата. Се покажа дека трите музички дела од претставите кои се веќе издадени солидно функционираат и како засебни музички изданија по примерот на далеку попопуларните издавачки  формати на филмските саундтраци. Идејата беше покрај документирање на музичките материјали, овие изданија да ги доближат конкретните театарски претстави до музичката публика или барем до оној дел од неа кој ретко посетува театар. И мислам дека многу луѓе испровоциравме да отидат и да ги погледнат претставите кои патем се вредни театарски остварувања. Останува уште да излезе музиката за театарската претстава „Иванов“ поставена во МНТ при крајот на мај, чија музика на мое огромно задоволство ја работев во соработка со режисерката Зоја Бузалковска и феноменалната актерска екипа од МНТ.

На крајот, клишето, ама идните планови на „Шарла“ мора да ги споменеш, за да ја одржиме таа потреба од движење…

Д.А: Одговорот се содржи во самото прашање – планот е да останеме во движење низ креативен процес како составен дел од општиот еволутивен принцип кој нѐ одредува како свесни живи битија. Притоа – без стравови, со добра мисла, со многу љубов, солидарни и одговорни за својата и слободата на другиот, за животната средина и за Светот кој им го оставаме на следните генерации. Ништо помалку и ништо повеќе.

Автор: Бојан Шашевски
Фотографии на горната галерија: Зденко Петровски