[Интервју] Андриа Зафираку, најдобриот наставник на светот – Изградете доверба со учениците – потоа сè е можно

Автор: Дека Еиткенхед за Гардијан

Андриа Зафираку функционира со само три часа сон дневно, но изгледа многу енергично. „Се работи за адреналин, за возбуда, од сè по нешто“, вели.

Номинирана од сегашните и поранешните колеги за наградата „Global Teacher“ на Фондацијата Варки, која се смета за Нобелова награда за наставниците, минатиот месец Зафираку открила дека се наоѓа во потесна конкуренција за првиото место од повеќе од 30.000 пријавени наставници.

Минатата недела во Дубаи таа беше прогласена за најдобар наставник во светот и доби награда од 1 милион долари. Кандидатите биле оценувани, помеѓу останатите работи, за напредокот на нивните ученици, достигнувањата надвор од училниците и помагање за децата да станат „глобални граѓани“.

39-годишната наставничка по уметност и дизајн вели дека целиот нејзин живот се променил. Но, покрај целата недела, која изгледа како бајка, постои една очигледна иронија. Доколку Зафираку давала приоритет на владините цели поставени за нејзината професија и доколку енергијата ја трошела на официјалните мерења на успешност, таа никогаш немало да биде во сериозна конкуренција за наградата.

Наместо тоа, таа победила со тоа што е вид на наставник каков што образовниот систем активно обесхрабрува.

Зафираку целата своја 12-годишна кариера ја поминала во средното училиште Алпертон во Брент, предавајќи на некои од најранливите деца, од најразлична етничка припадност во Велика Британија. Таа се сомнева дека многумина „немаат поим“ за длабочината на сиромаштијата и социјалната исклученост која таа го гледа секојдневно во училницата.

„Вака изгледа депривацијата. Депривација е кога имаш шест или седум различни семејства кои живеат во една куќа, спијат по едно семејство во соба, делат едно купатило и се менуваат во користењето на кујната. Имав една ученичка која бегаше од моите часови, па го истражив случајот и открив дека тоа го правела бидејќи морала да оди дома, за време на моите часови, и да готви за нејзиното семејство затоа што било нејзиниот ред“, објаснува Зафираку.

Децата редовно доаѓаат во училиште гладни или валкани. „Ги ставам нивните алишта во машина за перење, а обезбедуваме бесплатен појадок за секое дете“ – додека насилнички банди демнат пред училишниот влез.

Овие услови одвраќаат многу луѓе од професијата наставник, но кога ја прашав наставничката дали повеќе би сакала да предава на дисциплинирани и мотивирани ученици, таа изгледаше збунето.

„До-са-дно! Не, сакам да ги откривам работите – како да пристапам на ова дете? Како да ја добијам неговата доверба и како да му помогнам? Обидите да откријам – ок, ова не успева, што треба да правам сега? Тоа го обожавам“.

Поради тоа Зафираку научила основни фрази на повеќето од 35-те јазици кои ги говорат нејзините ученици. Направила женски крикет клуб за девојчињата со конзервативна верска припадност и го менувала редоследот на секциите по крајот на часовите, за учениците кои имаат домашни работи во текот на работната недела да можат да ги посетуваат за викенд. Таа користи уметност за да ја отвори креативноста и самодовербата на учениците, ги посетува нивните домови за да го сфати нивниот семеен живот и лично ги придружува учениците од училиштето до автобуската постојка на крајот на секој училиштен ден за да ги заштити од насилство.

Училиштето во кое предава им нуди на учениците многу работи за задржување на вниманието како часови по јога и бокс клуб и е рангирано во првите 5% од сите британски училишта по подобрување на успешноста на учениците.

Пристапот е спротивен од оној кој преовладува во образовната логика – дека она што им е потребно на децата, како оние од класот на Зафираку, не е слобода и креативност, туку старомодна структура, дисциплина и учителска строгост. Принцип познат како „Мосборн модел“. Но, доколку моделот на Мосборн функционирал, зошто тогаш Зафираку се одлучила на радикално различен пристап?

„Како тие деца ќе се справат со проблемите врз нивното ментално здравје кои ќе го добијат од таквиот систем? Тоа е како лента за трчање полна со стрес. Како тие деца ќе можат да се негуваат и да најдат начини да се ослободат од вознемиреностите, или едноставно да бидат среќни, да бидат креативни – да се социјализираат и да градат вештини на издржливост или истрајност?“, смета таа, додавајќи дека градот Брент има училишта каде образованието се врши според „Мосборн моделот“, но родителите ги отпишуваат нивните деца од таму и ги запишуваат децата во училиштето на Зафираку.

„Немам проблем со истите очекувања од овие деца, како и со децата од Итон. Нема проблем. Но, дали тие деца имаат појадок наутро? Дали тие деца гледаат како нивната мајка и татко физички се пресметуваат? Така што, за мене, успехот за некои од нашите деца е: ‘Се појави во училиште, ох, Боже, се појави во училиште’. Одлично е да се каже дека секое дете треба да го има истиот потенцијал, но треба да ја знаете позадината на животот на вашите деца и колку тие се различни и комплексни“.

Зафираку има различно мислење од општо-прифатеното, дека мултикултурализмот е, во најдобар случај – голем проблем, а во најлош – опасно пропаднат експеримент, и во тоа дека децата на имигрантите никогаш нема да се интегрираат доколку училиштата се прилагодат на нивните различни културни идентитети.

„Кога доаѓаат во оваа огромна, застрашувачка зграда, доколку им речете ‘намасте’ или ‘ванакам’, гледате како нивните лица сјајат. Тоа значи дека ги сфаќате, дека се интересирате за нив, дека ги прифаќате и дека го цените нивниот идентитет, нивното потекло и тие зрачат. Пота имате целосна и посветена соработка и од нивните родители. Тие доаѓаат секогаш кога ќе го побарате тоа од нив. Имаме минимално 95% одѕив на родителските средби“.

Таа секогаш го користи истиот принцип на нејзините предавања, претставувајќи им ги на учениците имигранти најголемите уметнички дела од нивната родна земја, наместо оние од европските класици на белците.

„Децата не се поврзуваат со тоа. Најпрво поврзи ги со нивниот идентитет, нивната историја, нивната култура. Покажи им за што станува збор и како може да го славите. Тогаш добивате чувство на гордост. Кога веќе ја имате таа гордост, тогаш можете да кажете – ‘Ова се случило во ренесансата’; ‘Ова е импресионизам’“, објаснува едноставно таа.

Додека владата сака училиштата да даваат најдобри резултати на STEM предметите (наука, технологија, инженерство и математика) и отстрани дел од предметите по уметност од образовниот процес, голем број училишта целосно се откажале од предавање за уметноста. Кога се кратат буџетите, да се трошат пари на учење театарска уметност, на пример, може да се смета за непотребен луксуз. Зарифаку со насмевка вели дека ова не е прв пат да добие такво прашање.

„Нели е смешно, бидејќи кога станува збор за приватно училиште, родителите не би толерирале доколку нивните деца не се бават со уметност, доколку не се обидат да свират на музички инструмент, знаејќи колку е важно нивното дете да има повеќе вештини и дека овие предмети ги градат животните вештини. Помагаат на децата да комуницираат. Им помагаат да создадат сопствена личност. Помагаат навистина да ги предизвикаат и да ги извадат од нивните зони на комоција, бидејќи преку овие предмети тие мораат да решат одредени проблеми. Па, така и социјалните вештини кои ги градат, можноста да зборуваат за нивната работа со самодоверба, можноста да оценат одреден труд, можноста да зборуваат за улоги и да ги разложат улогите – тоа се животни вештини. Тоа се апсолутно вештини кои му се потребни на секое дете“.

Зарифаку отсекогаш знаела дека сака да биде наставник по уметност. „Тоа дури не беше ниту избор. Дури и кога бев во основно училиште, моите родители добиваа забелешки од моите наставници – ‘Таа наредува, таа кажува што треба да се прави’. Тоа беше мој повик. Едноставно знаев“.

Родена во северо-западен Лондон од грчко-кипарски родители и со образование од државното училиште во Брент и Камден, таа за една година била унапредена во заменик-директор на одделот за уметност во Алпертон, а сега е заменик-директор на училиштето. Мажена за инструктор по фитнес, со две ќерки на 7 и 9 годишна возраст, на работа доаѓа секој ден во 7:30, а заминува во 17:30 часот, често и многу подоцна, а продолжува со работа секоја вечер кога децата ќе заспијат.

„Не гледам телевизија. Дури немам ни телевизор во дневната соба. И за време на ручекот работам. Единствениот период кога сум на пауза, е кога сум во кревет“.

Ја информирав дека додека беше отсутна во Дубаи, бил објавен извештај за платата на наставниците. Во просек наставникот заработува 17,7 фунти на час. „Гледате, тоа е одвратно“, одговара таа емотивно. Кога ја прашав што би променила доколку е министерка за образование само еден ден, иако не ги спомна платите, предлага воведување на систем на награди и признанија за наставниците, преку кој би се признал нивниот неверојатен труд кој го вложуваат.

Еден од условите за наградата на „Global Teacher“ од 1 милион долари, е дека наставникот треба да предава најмалку уште пет години, но овој услов изгледа како непотребен во овој случај. Зафираку планира да ги потроши парите на проекти за промовирање на уметностите, како во училиштето, така и во пошироката заедница на Брент. Сепак, таа уште се навикнува на нејзиниот нов статус на најдобриот наставник во светот – но кога не го прави тоа, размислува како да ја искористи нејзината нова платформа за да влијае на образованието.

Доколку може да се врати назад на нејзиниот прв ден како наставник и доколку може да си каже едно нешто што го научила за професијата оттогаш, што би било тоа?

„Дека сè е во градењето однос. Наместо да се грижите за предавањата и наставната програма, или да се грижите за дисциплината во вашата училница, најпрво изградете однос. Вклучете ги децата, поврзете се со нив, откријте што ги интересира. Градете го односот, градете ја таа довееба. А, потоа, сè може да се случи“.

Ова ми изгледаше како истото она што бизнисмените секогаш го зборуваат за нивната работа. Како и банкарите, агентите со недвижнини, директорите во маркетинг или менаџерите на фондови. Зошто нашиот образовен систем лежи на претпоставката дека тоа истото не се подразбира за наставата е мистерија, иако Зафираку смета дека може да го објасни тоа.

„Ние сме многу уплашени. Некои наставници мислат дека треба да знаат сè, и секогаш да бидат личноста со знаењето. Но, мислам дека понекогаш, најубавото нешто во тоа што сте наставник е кога ќе побарате децата да ве научат вас“.