Инстаграм е сè уште блокиран во Турција, властите велат дека забраната ќе биде укината откако ќе ги почитуваат законите

Социјалната мрежа Инстаграм сè уште е блокирана во Турција, по обвинувањата за цензура испратени од висок турски функционер до американската платформа, пренесува Н1.

Директорот за комуникации на турскиот претседател Фахретин Алтун во средата остро го критикуваше Инстаграм, тврдејќи дека платформата ги спречува луѓето да објавуваат пораки со сочувство за „маченикот (Исмаил) Ханија“, шефот на Хамас.

Одлуката на својата веб-страница ја објави турската Управа за информациски и комуникациски технологии, која не даде никакво објаснување. Одлуката се однесува на регулатива која овозможува блокирање на „криминална содржина“ без да дава детали.

„Нашата земја има вредности. И покрај нашите предупредувања, тие не ја земаа предвид криминалната содржина. Воведовме забрана за пристап. Кога ќе ги почитуваат нашите закони, забраната ќе биде укината“, изјави пред два дена турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу.

Некои опозициски партии синоќа апелираа и побараа укинување на забраната за пристап.

Според турските медиуми, Инстаграм има повеќе од 50 милиони корисници во Турција.

Турските власти привремено ги блокираа социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер неколку пати во последниве години.