Инклузивен настан „Гуш и бац е љубов“ на 11 мај на Школка во скопскиот Градски парк

На 11 мај од 11 часот, Школка во Градски парк во Скопје ќе биде една голема игротека со многу разновидни игри, работилници, едукативно, музичко, ликовно катче и многу други бројни интересни активности во рамки на настанот „Гуш и бац е љубов“ за зголемување на свесноста за лицата со атипичен развор и нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството.

„Она што сакаме да докажеме и покажеме, како и секогаш на нашите дружби, е тоа дека и децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, сакаат да покажат дека и тие знаат, умеат, можат да пеат и танцуваат. Сакаат да бидат поканети на родендени, но и другите деца да доаѓаат на нивните. Но најважното од се` – сакаат да другаруваат, да бидат заедно со другите деца. Сакаат да растат заедно. Впрочем тоа сите го сакаме нели“, велат од Здружението „Аутизам ААМК“ кое го организира настанот.

Ова е шести по ред инклузивен настан во организација на здружението и според минатото искуство, очекуваат голема посетеност.

„Преку игра да им покажеме на семејствата со деца со типичен развој дека треба да ги надминат своите стравови кои се резултат само на страв од непознатото, да дојдат на Школка, да се запознаат со атипичните лица и со нивните семејства, да дознаат за самата состојба или болест, да се обидат да најдат начин на кој би им помогнале“, истакнуваат од „Аутизам ААМК“.

Но за сето тоа да е возможно, додаваат оттаму, пред се’ овие лица треба да бидат прифатени токму онакви какви што се.

„А знаеме дека Школка е токму местото за тој прв голем чекор кој понатаму со заедничко секојдневие води кон нормално, здраво, инклузивно општество. А децата… децата за разлика од нас големите, гледаат со срцето и со душата, тие гледаат само деца со некаква различност со кои сакаат да Растат и да Играат заедно. Да учиме од нив како треба“, поентираат од здружението.

„Гуш и бац е љубов“ ќе трае до 14:30 часот.

Потсетуваме на еден од минатите настани: