Едукативен и промотивен настан посветен на дијабетесот во скопскиот Градски парк

Во недела (26 мај) , на Школка во Градскиот парк во Скопје со почеток во 11.00 часот ќе се одржи настан под мотото „Се за нас – за нас“ , посветен на дијабетесот. 

Според организаторите – Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) и Здружението  на лица со дијабетес „Алергија“, овој едукативен и промотивен настан има за цел да изгради дијабетес култура и да ја крене свесноста за дијабетесот во нашата земја. 

 „Идејата е да се реализира еден интерактивен собир на лица со дијабетес ТИП 1, особено млада популација до 25 години и преку комуникација ќе може да се потсетиме на основните постулати при секојдневното живеење со дијабетес“, велат организаторите.

Како што информирааат оттаму, на настанот ќе бидат поставени штандови со корпи од овошје и зеленчук и со помош на  обучени лица, секој ќе може да се потсети колку јаглехидрати содржат овошјата и зеленчукот.  Покрај тоа во паркот ќе има и штандови каде ќе има глукомери и ленти за мерење на нивото на шеќер во крвта.

„Ова ќе биде една одлична можност за подигнување на свеста на целата популација за тоа како живеат лицата со дијабет, како да им се помогне кога е потребно и најважно од се како да бидат дел од нашата заедница на исто ниво како и сите други“, додаваат организаторите. 

Настанот е поддржан од Global Found Tip 1.