Иницијатива до Уставен за оспорување на измените на законите за основно и средно образование

Наставничкиот пленум ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на законите за основно и средно образование, во делот за екстерното оценување и казните и наградите за наставниците, информираше Владо Димовски од пленумот.

Иницијатива до Уставен за оспорување на измените на законите за основно и средно образование

На денешната дебата која ја организираa Наставничкиот и Средношколскиот пленум насловена „До каде стигна македонското образование?“, наставниците и учениците во Паркот на новинарите, спроти Министерството за образование, дебатираа за процесот на екстерно тестирање.

Професорот Димовски рече дека иницијатива до Уставен суд е веќе готова и напишана, а од денеска започнува собирањето на потписи од наставниците во пленумот за таа да добие што поголема тежина.

Според него, во условите во кои што сега е образованието, тешко дека следната учебна година ќе започне навреме.

„Можеби пленумите ќе се одлучат да ја бојкотираат наставата се до донесувањето на измени во законите за основно и средно образование“, рече Димовски.

Од Средношколскиот пленум исто така реагираат на измените на Законот за средно образование, со кои според нив, им се наштетува на учениците, наставниците и на целиот образовен процес во Македонија.

„Со казни, намалување на личните примања и бркање од работа на наставниците не доаѓаме до она до кое сите се стремиме, а тоа е подобро образование за сите во Македонија. Средношколскиот пленум цврсто ќе се бори за образованието и ќе застане зад наставниците. Образованието е процес, а не проект. Со донесување на законски решенија по скратена постапка, во три часот по полноќ, без јавна расправа со оние кои се најзасегнати – учениците, наставниците и родителите, не можеме да стигнеме до подобро образование“, рече Александар Милевски од пленумот.

Независната пратеничка Солза Грчева, која исто така се приклучува на битката против законите, вели дека тие мора да паднат.

Иницијатива до Уставен за оспорување на измените на законите за основно и средно образование

„Многу гласно и јасно ги кажувам сите работи во овие закони, како екстерното, кои ги прават дефектни и недопустливи. Тие се закони неиздржани на долг рок и мораат да паднат. Не верувам дека некој во државата е против квалитетно образование, но постојат други модели за испитување на квалитетот на образованието. Овој термин „екстерно тестирање“ е буквално украден од западноевропските земји, а зад него се крие сосема друг процес. Процес кој евидентно оди на штета и на кариерниот развој на наставниците и на успехот на учениците. Тие живеат под стрес за што ќе направат на еден тест, кој не е одраз на нивното знаење“, рече Грчева.

Целосните резултати од последното екстерно тестирање во училиштата ќе бидат познати утре. И овој пат, средношколците, родителите и наставниците се жалеа на голем број проблеми, нелогични прашања, како и технички и содржински грешки.