Иницијатива до Центар: ДУП за „Треска“ е шанса да се покаже дека се уредуваат локации според јавeн интерес

На 40-тата седница на Советот на Општина Центар, која се одржа вчера (20 јануари), до сите советници беше доставена инцијативата за распишување Архитектонско урбанистички конкурс за локацијата на фабрика „Треска, која во петокот беше доставена во архивата на општината. Оваа локација е дел од ДУП Буњаковец 2, од јули 2012 година, изработен од ИНПУМА. Овој ДУП е под мораториум, објави Порта 3.

Преку иницијативата за распишување aрхитектонско урбанистички конкурс за „Треска“, потписниците нагласија дека деликатноста на овој простор што го сочинуваат повеќе катастарски, градежни и урбанистички парцели, има повеќе димензии  – имотно-правна, економско-социјална, политичка и др.

„Редоследот и темпото на нејзиното разрешување мора да бидат професионално уредени, мора да одат во склад со јавниот интерес, со спецификите на временскиот контекст, со новосоздадените потреби“, стои во граѓанската иницијатива.

Иницијатива за распишување aрхитектонско урбанистички конкурс за локацијата кај „Треска“

Како што пишува Порта 3, заедно со текстот на иницијативата, до советниците вчера била доставена и листа на граѓани кои покрај асоцијациите и невладините организации индивидуално ја поддржуваат иницијативата, со име и презиме, вкупно 272 на број, од кои голем дел архитекти. Не сите граѓани подржувачи на иницијативата се жители на општината, но, граѓаните сметаат дека станува збор за интерес на градот Скопје како целина, бидејќи општините не се засебни целини или посебни градови кои функционираат независно.

Пред усвојување на дневниот ред на тековната седница, претседателката на Советот Јана Белчева Андреевска образложила дека, сака сите советници да бидат запознаени со иницијативата за да може да се разгледува и да се донесе заклучок на следната седница, која се очекува во вторник 28 јануари.