[Инфографик] Во Центар и Карпош 15 месеци се расипани инструментите што мерат ПМ-2,5 честички

Веќе 15 месеци, од октомври минатата година, граѓаните на Скопје кои живеат во Центар и во Карпош воопшто немаат податоци за концентрациите на ПМ-2,5 честичките во воздухот што го дишат. Во екот на сезоната на најголемата загаденост, мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух во овие две општини втора година по ред не функционираат. Во изминативе шест месеци целосно не работи ниту мерната станица Ректорат, која пред само неколку денови започна да дава информации само за концентрациите на ПМ-10 честичките, пишува новинската агенција Мета.

Во Центар и Карпош во последните пет-шест месеци е тешко да се следат и концентрациите на ПМ-10, бидејќи има прекини во мерењата кои траат по неколку дена, а некогаш и речиси по половина месец. Во моментов ниту жителите на Куманово и Гевгелија не знаат колкаво е загадувањето на воздухот со ПМ-10 и ПМ-2,5, во Берово и Прилеп мерните станици не мерат ПМ-2,5, а во Кочани ПМ-10.

Од Министерството за животна средина велат дека електронските инструменти во мерните станици се изложени на надворешни влијанија, температурни разлики и природни елементи кои имаат свое влијание заради што се трошат и расипуваат и после одредено време им треба замена. Објаснуваат дека во моментов во тек се јавни набавки, со кои до февруари повеќе инструменти ќе се заменат и повеќето мерни места ќе се стават во функција.

„Во фаза на реализација е проект за набавка финансиран од ИПА 2 програмата, со што ќе се заврши процесот на замена на мерните инструменти во мониторинг станиците во Карпош, Центар, Лисиче, Гази Баба и во Лазарополе, со краен рок за реализација февруари 2024 година. Со тоа и инструментите за мерење на РМ10 и РМ2.5 во Центар и Карпош кој што имаат проблеми поради дотраеност ќе бидат заменети со нови“, велат од Министерството.

Пред само пет дена, по шестмесечна пауза, беше пуштен во функција мерниот инструмент кај Ректорат, но само за мерење на концентраци на ПМ-10. Од Министерството велат дека надворешните прилики влијаат врз инструментите и нивната точност, како и врз валидноста на податоците кои се отчитуваат од нив. Конкретно, за мерното место кај Ректорат, во тек е утврдување на точноста на мерењата, за што, велат, им е потребно време.

„По ефикасното отстранување на уште некои технички проблеми со дополнителна помошна опрема ќе се вклучат и останатите мерни инструменти од станицата“, посочуваат од оваа институција.

Проблемот со нефункционалните мерни станици во сезоната на најголемото аерозагадување не завршува во Скопје. Во моментов во Куманово и Гевгелија не се мери ПМ-10 и ПМ-2,5, во Берово и Прилеп ПМ-2,5, а во Кочани и Битола 1 не се знаат вредностите на ПМ-10. Дел од нефункционалните мерни инструменти се предадени во лабораторија на подетална дијагностика на проблемот, сервис и калибрација, по што, ако можат да се поправат ќе бидат вклучени во мрежата.

Сепак, од Министерството велат дека располагаат само со одредени резервни делови, кои не се доволни за сервисирање на сите инструменти кај кои што дополнително ќе се јават дефекти. Од тие причини најавуваат дека во тек е подготовка на техничка спецификација за да можат да набават нови резервни делови.

Речиси цел месец аерозагадувањето е реалноста која ја живеат повеќето урбани средини во земјава. Државниот автоматски мониторинг систем има 21 мерна станица, плус една мобилна во Ѓорче Петров. Од нив, во моментов само осум работат со полн капацитет и мерат, освен ПМ-10 и 2,5 и јаглерод моноксид, азотни оксиди, озон и сулфур диоксид. Сите останати имаат по некој нефункционален дел.

Од она што може да се види на веб-страницата на Министерството, концентрациите на ПМ-10 и ПМ-2,5 се повисоки на сите места каде што функционираат инструментите, а податоците се клучни за граѓаните. Врз основа на овие податоци се утврдуваат условите кога се прогласува надминување на прагот на алармирање и се утврдуваат мерките на заштита на граѓаните. Во услови кога мерните станици не работат, нема начин за следење на состојбата, ниту пак за прогласување мерки за најзасегнатите категории како што се децата, повозрасните и хроничните болни.

Центрите за јавно здравје најчесто препорачуваат да не се излегува на отворено без потреба, да се носат маски, а во просториите каде што се престојува да работат прочистувачите за воздух.

Министерството за животна средина, пак, препорачува да се ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Исто така, се препорачува и реорганизирање на работното време за лицата кои работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, а сите органи на државна управа како и на единиците на локална самоуправа да ја намалат употребата на службените возила.