Државите и локалните самоуправи се должни навремено и постојано да информираат за аерозагадувањето

Информирањето на јавноста околу загадувањето на воздухот е еднакво важно колку и информирањето за природни непогоди, велат претставниците на кампањата „Oбединет Балкан за чист воздух“.

Тие забележуваат дека и понатаму нема доволно мерни станици.

„Дури и во урбаната околина, немаат информации за одредени загадувачи, особено најфините честички од прашина (ПМ 2,5), што е една од најопасните материи. Многу станици во регионот ги објавуваат своите податоци задоцнето, иако тие би биле релевантни за населението само доколку се достапни секој час“, реагираат тие.

Нивната оценка е дека повеќето од земјите во регионот немаат прецизен регистар на извори на загадување и дефинирани нивоа на емисии на штетни материи. Ова, заедно со недостатокот на сериозни инвестиции во станиците за мониторинг, спречува усвојување соодветни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, сметаат од „Обединет Балкан за чист воздух“.

Претставниците на „Oбединет Балкан за чист воздух“посочуваат дека државите и локалните самоуправи се должни да овозможат пристап до информации околу загадувањето на воздухот во кое било време.

„Ние би сакале да ги потсетиме нив, дека ова прашање е подеднакво важно како и известувањето за природни катастрофи. Податоците треба да бидат навремени и лесно достапни, а нивното презентирање пред граѓаните мора да биде разбирливо“, стои во нивната реакција.

Според нив, јавниот притисок останува клучна алатка за подобрување на системот за следење и исполнување на правото граѓаните да бидат соодветно информирани за квалитетот на воздухот.

„Граѓаните на западен Балкан имаат право да го знаат моменталното ниво на загадување на воздухот и да бидат информирани за сите понатамошни случувања. Локалните и државните институции треба да им дадат навремени информации, како што тоа го прават во случаи кога се намалува квалитетот на водата во јавните системи за снабдување или кога има зголемување на сончевото ултравиолетово зрачење“, стои во реакцијата.

Со потпишување на Декларацијата од Софија во ноември 2020 година, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија се согласија да ја одобрат Зелената агенда за Западен Балкан, која вклучува обврска земјите да ги подобрат напорите за следење и известување, отворајќи пат кон фондовите на ЕУ.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ е иницирана од Европскиот фонд за Балканот, во партнерство со Правото на градот (Белград, Србија), Институтот за регулирање на обновливите извори и животната средина (Белград, Србија), Отворено училиште во Белград (Белград, Србија), Институт за животна средина и територијално управување (Тирана, Албанија), Екофорум (Зеница, Босна и Херцеговина), Центар за економија и енергија (Тузла, Босна и Херцеговина), Сбункер (Приштина, Косово), МојВоздух/AirCare (Скопје, Северна Македонија ) и ОЗОН (Подгорица, Црна Гора).