Инфекциите кои се пренесуваат од животни на луѓе можат да предизвикаат 12 пати повеќе смртни случаи до 2050, покажува нова студија

Најголемиот дел од епидемиите во модерното време се предизвикани од патогени кои се шират од животни на луѓе. Ваквите зоонози се предвидува дека ќе се зголемат со климатските промени.

Според нова научна студија четири видови на инфекции кои се пренесуваат од животни на луѓето растат експоненционално и можат да убијат 12 пати повеќе луѓе до 2050 година отколку што беше случај во 2020 година.

Научниците велат дека откриле шаблон на многу позачестени „прелеани“ епидемии откако анализирале речиси 60 години период на епидемиолошки податоци. Овие откритија се објавени во списанието „BMJ Global Health“.

Зоонозите се шират кај луѓето преку директен контакт со животните, преку преносители како крлежи или комарци, контакт со местото каде овие животни живеат, или преку консумирање контаминирана храна или вода.

Вирусот кој ја предизвика болеста КОВИД-19 исто така е зоонотски, бидејќи може да преоѓа помеѓу животните и луѓето. Научниците сметаат дека преносот од животно на луѓето е најверојатно објаснување за потеклото на пандемијата.

Според истражувањето, климатските промени во иднина се очекува да водат кон уште почести зоонотски болести, но тешко е да се претпостави како тоа ќе влијае врз глобалното здравје.

„Доколку овој тренд кој го утврдивме во истражувањето продолжи, може да очекуваме дека овие патогени ќе предизвикаат четири пати поголемо „прелевање“ и 12 пати поголема смртност во 2050 година споредено со 2020 година“, велат научниците.

Студијата е базирана на база на податоци од повеќе од 3.000 зарази и епидемии во периодот меѓу 1963 и 2019 година.