Индиски родители си го тужат синот бидејќи не добиле внучиња

Индиски родители од Утараханд го тужат својот син единец и снаата бидејќи тие немаат принова. Младиот пар бракот го склучил пред шест години, пренесува „Би-Би-Си“.

Санџив и Садана Прасад, велат дека ја потрошиле целата своја заштеда за да го израснат синот, плаќајќи за неговите тренинзи за пилот, како и за неговата луксузна свадба.

Тие бараат синот да им исплати околу 650.000 долари доколку тој не направи внуче во рок од една година.

Тужените сè уште јавно не ја искоментирале тужбата. Необичната тужба која привлече светско внимание, е поднесена поради „ментално злоставување“.

Таткото кој го тужи својот син, за локалните медиуми изјавил дека ја потрошил целата своја заштеда за синот да оди во САД и да учи за авиопилот.

Кога синот се вратил во Индија во 2007 година, ја изгубил својата работа и бил издржуван од своите родители повеќе од две години.

Синот потоа се вработил како пилот, а родителите го договориле неговиот брак во 2016 година, со надеж дека ќе имаат „внучиња кои ќе ги занимаваат“ за време на нивните пензионерски денови.

Родителите изјавиле дека платиле и за свадбен прием во хотел со пет ѕвезди, луксузна кола вредна 80.000 долари и патување за меден месец.

„Мојот син е оженет шест години, но бебето сè уште не е во план. Ако имаме внуче за со него да го поминуваме времето, нашата болка ќе биде поиздржлива. Сон на секој родител е да стане дедо или баба. Ние чекаме со години“, изјавил таткото на тужениот.

Судењето за овој случај е закажано за 17 мај.