Индија ја одобри првата ДНК вакцина против Ковид-19 во светот

Индискиот регулатор за лекови ја одобри првата светска ДНК вакцина против коронавирус за итна употреба, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Вакцината „ZyCoV-D“ која се дава во три дози, спречува симптоматска болест кај 66 отсто од вакцинираните, се наведува во студијата која ја објави производителот на вакцини, „Кадила хелткер“.

Фармацевтската компанија планира да произведува до 120 милиони дози од вакцината.

Претходните ДНК вакцини делуваа добро кај животните, но не и кај луѓето.

Индија досега искористила повеќе од 570 милиони дози на три претходно одобрени вакцини – „Ковишилд“, „Коваксин“ и „Спутник В“.

Досега околу 13 отсто од возрасните се целосно вакцинирани, а 47 отсто примиле барем една доза вакцина од почетокот на кампањата за вакцинација во јануари 2021 година.