„Имаме храна за уште неколку дена“ – поради конфликтот во Судан граѓани оставени без храна, вода и струја

Воениот конфликт во главниот град на Судан започна сериозно да го нарушува снабдувањето со храна, вода и струја на граѓаните, сведочат за Би-Би-Си жители на Картум.

„Имаме храна за следните два дена“, објаснува Нисрен Ал-Саим, која со нејзиното семејство ја штедат храната за да им трае подолго.

Дополнително, многу домови на жителите се оставени без вода и струја по почетокот на борбите помеѓу суданската армија и парамилитантната група Сили за брза поддршка (РСФ) од 15 април.

Двете страни претходно ја делеа моќта – генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, како де факто лидер на војската и државата и Мохамед Хамдан Дагало, кој е предводник на РСФ, како негов заменик. Но, од почетокот на конфликтот стапија во меѓусебна војна.

Досега во земјата загинале 270 луѓе, според податоци на американската амбасада во Картум.

Во Бахри, на северот од Картум, сведоци велат дека при гранатирањето била погодена главната станица за снабдување со вода. Жителите сега се принудени наместо вода да ги пијат резервите на абри кои ги имаат – пченичен пијалок кој вообичаено се пие за време на Рамазан.

Локалната жителка Хинд за Би-Би-Си вели дека сите продавници во нејзиното соседство се затворени, освен некои пекари кои имаат уште многу малку преостанато брашно.

Неколку дена пред почнување на борбите, армијата ги предупреди цивилите да направат залихи со храна откако војници на РСФ започнаа да се распоредуваат на различни локации во главниот град.

Хеба, друга жителка на Картум, сепак вели дека мнозинството луѓе не ја сфатиле премногу сериозно оваа препорака и дека никој не верувал дека ситуацијата може да ескалира до вистинска војна.

„Не сакавме да одиме по жештините, бидејќи веќе имавме направено залихи на храна за Рамазан“, објаснува таа.

Квартот во кој таа живее има струја само два часа во текот на денот, што значи дека дури и дел од залихите на храна можат да се расипат.

Нејасно е колку долго ќе биде во прекин снабдувањето со храна на Картум, бидејќи воените напади и понатаму траат помеѓу завојуваните страни.

Жителите на главниот град Картум се најдоа во средиште на жестоки борби додека конкурентните воени крила се бореа околу претседателската палата, државната телевизија и седиштето на армијата.

Судирот изби по подолги тензии околу предложената транзиција од воена кон цивилна власт. Војската владее со Судан од државниот удар во октомври 2021 година.