Илон Маск навести дека за користење на X (Твитер) ќе плаќаат сите

Илон Маск сугерира дека сите корисници на X, социјалната мрежа која претходно беше наречена Твитер, можеби ќе мора да платат за да пристапат на платформата.

Во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, милијардерот вели дека платежниот систем е единствен начин за да се справат со ботовите.

„Се движиме кон тоа да се плаќа мал месечен надомест за користење на системот“, изјавил сопственикот на Тесла и СпејсX.

Би-Би-Си се обратиле до X со барање за дополнителни детали околу оваа најава, но досега не добиле одговор од компанијата.

Засега е непознато дали се работи за несмасен коментар на Маск или пак станува збор за планови на компанијата која допрво треба да бидат споделени со јавноста.

Маск долго време вели дека плаќањето како начин на верификација е единствено решение за проблемот со ботови и лажни профили на оваа социјална мрежа. Откако го презеде раководењето со Твитер минатата година, тој се обидува да ги зголеми приходите на компанијата со воведување на претплатнички сервис кој сега е наречен X премиум.

Преку претплатата корисниците имаа повеќе достапни услуги на платформата, како можноста за подолги објави и зголемена визибилност на платформата. Сепак, досега секој корисник можеше да пристапи на X бесплатно.

Иако постои јасен финансиски интерес компанијата да наплаќа за услугите на своите корисници, Маск вели дека плаќањето за користењето на X се прави за справување со големиот број ботови.

„Ботот чини само дел од едно пени за да се направи. Но, доколку некој треба да плаќа неколку долари или слично, некоја мала сума, ефективните трошоци за ботовите би биле многу високи“, објаснува Маск.

X премиум во моментов чини 8 долари месечно во САД. Цената се разликува во зависност од државата каде се наоѓа корисникот.

„Планираме да воведеме пониско ниво на претплата. Сакаме тоа да биде само мал износ. Ова е подолга дискусија, но, според мене, тоа е единствена одбрана од огромните армии на ботови“, додава Макс.

Сепак, доколку X биде ставен зад претплатнички ѕид, тоа носи голем ризик за компанијата. Освен опасноста дека платформата може да остане без голем дел од нејзините корисници, тоа истовремено би придонело да се намалат и приходите од реклами, кои во моментов сочинуваат најголем процент од заработката на компанијата.