Илон Маск го стави на пауза купувањето на Твитер додека не се пребројат лажните профили

Илон Маск изјави дека преземањето на Твитер го става на пауза, неколку недели откако прифати да ја купи компанијата за 44 милијарди долари.

„Купувањето на Твитер привремено е паузирано во очекување на детали кои би покажале дека спам и лажните профили навистина изнесуваат помалку од 5% од корисниците“, напиша Маск денеска на Твитер.

Два часа подцна Маск во нова објава напиша дека се` уште е посветен на купувањето на платформата.

Веста првично ги собори акциите на Твитер за 20%, пред нивната вредност повторно да се врати на исто ниво.

Во првичниот твит, Маск посочи на извештајот на Ројтерс од 2 мај, за тоа дека компанијата во последните финансиски извештаи информирала дека на социјалната мрежа има помалку од 5% спам или лажни профили.

Според компанијата овие проценки се засновани на примероци од сите корисници на социјалната мрежа, но сепак напоменаа дека овие бројки не биле независно потврдени и дека вистинската бројка на лажни профили може да биде поголема.

Маск претходно имаше најавено дека една од неговите идеи за подобрување на Твитер е платформата да се ослободи од сите лажни профили.