Илјадници луѓе во регионот веќе се вакцинираа против коронавирусот

По околу една година од појавувањето на новиот коронавирус кој предизвика епидемија во светски рамки, Европа неодамна почна да се вакцинира. Земјите членки на Европската Унија (ЕУ) веќе го започнаа процесот на крајот на декември, минатата година, а вакцинални пунктови се отворија и во земји кои не се дел од сојузот. Земјава е сè уште надвор од овој процес, додека од нашите соседи, процесот на вакцинација не започнал единствено во Косово.

Досега вакцина против коронавирусот во Србија примиле повеќе од 7.000 луѓе, односно, нешто над 3.000 штитеници во старечките домови, како и околу 4.000 здравствени работници, изјави во петокот тамошниот министер за здравство Златибор Лончар.

Првата вакцина во земјата пак, пред телевизиските камери ја прими премиерката Ана Брнабиќ на 24 декември во Институтот за вирусологија, вакцини и серум „Торлак“. По неа, вакцината на компанијата „Фајзер“ ја прими и министерката за труд Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, како и членот на кризниот штаб, епидемиологот д-р. Предраг Кон.

Во меѓувреме, надлежните им овозможуваат на граѓаните на Србија да го изразат „својот интерес за вакцинирање против Ковид-19“, преку едноставен прашалник кој е поставен на националната платформа за услуги „еУправа“. Таму се објаснува дека „со пополнување на прашалникот и со праќањето на барањето не се дава согласност за вакцинација, туку исклучително само се изразува интерес“.

Откако корисниците ќе „изразат интерес“, надлежните преку електронска пошта и СМС порака, ќе ги известат заинтересираните граѓани за терминот и местото на вакцинација, односно, во зависност од приоритетот на имунизација кој го дефинира Институтот за јавно здравје, се посочува на веб-страницата.

Исто така, граѓаните може да изразат интерес и да одберат која вакцина сакаат да ја примат.

Граѓаните може да изразат интерес која вакцина би ја примиле / фото: принтскрин од веб-страницата „еУправа“

„Официјално! Започна вакцинирањето кај нас!“ – вака започнува веста за почетокот на вакцинацијата во Бугарија, објавена на 27 декември на порталот „Нова“, каде се известува дека првиот човек кој се вакцинирал во земјата бил министерот за здравство на Бугарија, Костадин Ангелов.

Националниот портал за информации поврзани со коронавирусот, покажува дека над 13.473 луѓе досега примиле вакцина против Ковид-19 во оваа земја членка на ЕУ. Земјата очекува вкупно над 1.5 милиони дози вакцини од компаниите „Бионтек“ и „Модерна“, до јули годинава.

Соседна Грција пак, има највисок број на луѓе кои се вакцинирале против коронавирусот досега, односно, нешто над 44.000 лица. Како и во случајот со Бугарија, вакцинацијата таму започнала на 27 декември. Прва вакцината ја примила медицинска сестра, а веднаш потоа и штитеник во дом за стари лица.

„Добри вести. Утре ја започнуваме вакцинацијата против Ковид-19“, објави вчера на Фејсбук, премиерот на Албанија Еди Рама.

LAJM I MIRË😍

Nesër nisim vaksinimin antiCovid19💪

#ShqipëriaBuzëqesh🌼

Posted by Edi Rama on Sunday, January 10, 2021

 

Ваквата најава за почетокот на процесот на вакцинација, доаѓа откако Рама најави дека се обезбедени 500.000 дози на вакцини против Ковид-19.

Вакцинацијата на населението против Ковид-19 не е започната во Косово, каде тамошниот министер за здравство Арменд Земај преку објава на Фејсбук вчера соопшти дека биле „обезбедени повеќе од 1.2 милиони дози вакцини“.

Во земјава пак, според надлежните, првите 5.850 дози вакцини против Ковид-19 треба да стигнат до крајот на овој месец, или пак, почетокот на февруари.

Последната информација која беше соопштена од министерот за здравство Венко Филипче е дека во земјава се очекуваат три пратки од по 800.000 дози вакцини од три механизми, посочувајќи дека со нив би се вакцинирале вкупно милион и двеста илјади граѓани или околу 60 отсто од населението. Но, конкретно нема информација кога би почнал процесот на вакцинација.