Филипче најави по 800.000 вакцини од три различни механизми

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека веќе  е испратена апликацијата за првите дози од вакцината против коронавирусот преку „Ковакс“ механизмот. Дополнително, министерот најави дека првите дози од вакцините треба да пристигнат кон крајот на овој месец, или почетокот на февруари.

„Вчера стигна писмото за најава од „Ковакс“ механизмот дека е можно вакцините  да стигнат на крајот на јануари или почетокот на февруари. Ние вчера  аплициравме со сите други документи во однос на спремноста, а тоа е онаа анализа и евалуација што ја правевме со Светската здравствена организација и практично веќе аплициравме да бидеме во првата група земји согласно со спремноста на нашиот систем, во однос на чувањето на температура на -70 степени, дистрибуција и практичната апликација преку Центрите за јавно здравје. Рокот за апликација е 18 јануари, тогаш сите земји според евалуацијата на СЗО се спремни, може да аплицираат, и после останува да видиме кога точно би пристигнала пратката. Според нивното писмо станува збор за вакцината на „Фајзер“, а следна што доаѓа предвид е вакцината на „АстраЗенека“ нагласи министерот.

Според Филипче, во земјава се очекуваат три пратки од по 800.000 вакцини кои ќе бидат добиени од три механизми, со што вакцинирани ќе бидат еден милион и двеста граѓани.

„Од три механизми, по 800.000 илјади дози за 400 илјади граѓани. Значи вкупно милион и двеста илјади граѓани, блиску 60 проценти од населението. Предвидувањето е дека треба да се постигне колективен имунитет. И така се предвидувањата во сите други земји. 833 илјади дози преку Ковакс-механизмот, 800 илјади дози директната спогодба со Фајзер и 800 илјади дози со кои веќе аплициравме и добивме поддршка од Канцеларијата на европската делегација кај нас“, најави Филипче.