Илјадници луѓе протестираа во Ерусалим против владата на Нетанјаху

Десетици илјади луѓе протестираа во Ерусалим, повикувајќи на итни избори и крај на војната во Газа. Израелската полиција соопшти дека девет луѓе се приведени.

Многу Израелци изреволтирани од тоа што заложниците уште се држат во Газа и од тековната војна, го обвинуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху дека политичките интереси ги става пред сè друго. Тие ја обвинуваат владата дека ја изгубила контролата над осуммесечната војна во Газа и бараат да постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Нетанјаху ги отфрла обвинувањата и вели дека тој на ум ги има најдобрите интереси на земјата.

Во понеделникот тој го распушти воениот кабинет од три лица кој беше задолжен да го води конфликтот. Потегот доаѓа една недела откако опозицискиот пратеник Бени Ганц поднесе оставка од коалициската влада поради незадоволство од начинот на кој израелскиот лидер се справува со војната.

„Дојдовме да протестираме повторно, по 50-ти пат сме овде, во Тел Авив, секаде. За да се ослободиме од оваа корумпирана влада, што не ги ослободува заложниците и што ја води војната на невешт начин и е одговорна за најлошото, најлошниот терористички напад врз нас од Холокаустот“, изјави демонстрантот Дрод Кацман.

Големите антивладини протести се случуваат неделно во сабота навечер. Понеделничкиот протест во Ерусалим беше предводен од многу од активистите кои ги предводеа протестите против Нетанјаху и неговите обиди да го промени судството во 2023 година.

Демонстрантите маршира од израелскиот парламент, Кнесетот до приватната резиденција на Нетанјаху носејќи изралески знамиња и скандирајќи антивладини слогани. Полицијата се пресмета со демонстрантите користејќи водени топови против оние кои ги пробија бариерите.

„Поради вас умираме, бегајте од нашите животи“, гласи еден од транспарентите со фотографија од Нетанјаху и крвави отпечатоци од раце.

Други ги споменаа 11-те војници кои беа убиени во Газа викендов, еден од најсмртоносните напади на израелски војници во последните месеци, држејќи транспарент „Војниците не сакаат да гинат поради Биби“ – што реферира на прекарот на Нетанјаху.