УКИМци за Палестина: УКИМ јавно да го осуди геноцидот што Израел го врши во Газа

Студенти, постипломци и алумни на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја формираа студентската иницијатива УКИМци за Палестина со која, како што велат, се приклучуваат на светското студентско движење за поддршка на Палестина и палестинскиот народ.

Движењето е активно на социјалните мрежи каде вчера беа упатени барања до Универзитетот да заземе јасна позиција во однос на, како што пишува, геноцидот кој Израел го врши во Газа, по примерот на многу светски универзитети во форма на декларација.

„Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ како една од најзначајните академски и високообразовни институции, е должен да се огласи и да заземе став за едно од најголемите злосторства во поновата историја. Токму сега универзитетот треба да ги покаже во пракса работите на кои нè учи во предавалните. Токму сега универзитетот треба да застане солидарно со студентите низ светот кои трпат полициска бруталност, а уште повеќе со палестинскит студенти кои останаа без ниту еден универзитет“, се вели во објавата на иницијатива.

Во продолжение интегрално ги пренесуваме барањата на иницијативата: „Јасно и јавно да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ; Јасно и јавно да искаже солидарност со Палестина; Да се обврзе дека нема да склучува договори со израелски партнери додека нема траен прекин на огонот; Јасно и јавно да искаже солидарност со студентското движење низ светот и да ја осуди полициската бруталност која ја трпат студентите“.